Статусни симболи-ЕЛИТИЗАМ НА (ВИ)ДЕЛО

14/10/2024

СТРЕМЕЖОТ ЗА ИСТАКНУВАЊЕ, СОЗДАВАЊЕ НА ЕЛИТА И ПОКРАЈ ТОА ШТО И САМОТО ПРАШАЊЕ ЗА ИЗБОРОТ НА ЛУЃЕ ВО НЕА Е ДИСКУТАБИЛНО (НЕРЕТКО), СЕ НАОЃА ВО ТЕСНА КОРЕЛАЦИЈА И СО СИЛНАТА ЖЕЛБА ЗА НАДВОРЕШНО (ВИДЛИВО ОДНАДВОР) ДА СЕ ПОКАЖЕ И ОПШТЕСТВЕНАТА И ЕКОНОМСКАТА ПОЛОЖБА, МЕЃУ ДРУГОТО. ПРЕКУ СТАТУСНИТЕ СИМБОЛИ, СЕКАКО. ДОСТА ЧЕСТО И ВО ГОЛЕМ БРОЈ

 

Времето е сведок на нивната различност, уште во далечното минато доколку се вратиме стотици години наназад. Сите сме наполно согласни дека постоеле, буквално секаде без оглед на степенот и специфичноста на развојот во духовната и материјалната сфера, врзани за определен период од историјата, луѓето кои живееле во него, како заедница на определена територија. Со цел да не се говори за општествената и економската положба, туку да се покаже, истакнувајќи ја материјалната страна на животот или пак богатството, Британците во средината на 20 тиот век, поточно во 1955 година, во својот вокабулар го внеле терминот „статусен симбол“ чија употреба (интерактивно) се масовизирала во 1959-та со издавањето на книгата „The Status Seekers“ во која новинарот и критичар на класните спротивности Vance Packard пишувал за нив, опишувајќи ги однесувањата на граѓаните во Америка. За кратко време книгата станала бестселер.

ВО СООДВЕТСТВО СО СТОПАНСКИОТ РАЗВОЈ И ТЕХНОЛОГИЈАТА

Исто како што и другите симболи се подложни на промени во интерпретацијата терминолошкото значење, така и статусните, кои се однесуваат на статусот, претрпувале измени во толкувањето  објаснувањето на нивната смисла, упатувајќи на различни нешта. Секако дека значењата се инакви од една култура до друга, но дефиницијата сепак е општоприфатена. Имено, се работи за предмети во (нај)голема мера, видливи однадвор луксузни, пред сè што чинат многу пари, но не и неизбежно. На пример, во статусните симболи на денешнинава се вбројуваат и манирите, начинот на однесувањето. Па дури и цврстите мускули на телото, развиени со вежбање. Дека луѓето отсекогаш се бореле за престиж тоа е факт. По правило, врз основа на угледот се создаваат елитите изборот на најдобрите луѓе, кој, за жал, доста често е дискутабилен. Репутацијата се установува со добродетелството, високите морални особини, а не со негативно дејствување. Статусните симболи треба да кореспондираат со стопанскиот развој и технологијата.

Во минатото на пример, кога печатарската машина не била измислена, поседувањето големи збирки рачно препишани книги се сметало за симбол на богатството и на ученоста. Подоцна се сменило значењето бидејќи описменувањето станало вообичаено, така што малата домашна библиотека го добила приматот, а големата (богатата) го има и ден денес. Во источниот дел од Азија, уште во далечно време, жадот и бисерите се сметале за статусни симболи, резервирани исклучиво за кралските семејства.

Истото важело за тогата во Стариот Рим, за памукот кај Астеците, за боите (жолтата во Кина, виолетовата во Римската Империја) кај владарите, без исклучок на хералдиката во периодот на средновековјето.

Супкултурата наметна други стандарди. Комерцијализацијата резултира со потребата да се биде имотен, богат и следствено, да се има можност за купување на скапи стоки автомобили, гардероба, куќи… Таму каде што се почитува(ло) воинството, лузната ја симболизира(ла) храброста и честа. Меѓу интелектуалците, способноста да размислуваат на интелигентен начин, разумно е статусен симбол кој се изделува од останатите и покрај тоа што профитот честопати е занемарен. А во академските кругови, пак, големиот број научни публикации, како и професурата на некој факултет што е дел од универзитетот, се знак на висок општествен ранг, потврден и со елаборираните регалии во точно утврдени бои. Униформите го симболизираат членството во одредена организација, дополнети со разноразни ознаки за чинови, специјалности, мандати. Државните одликувања се всушност највисоките признанија за општественото уважување, т.е. почитување. Доколку се навратиме во далечното минато, па и не толку одамна, со големите гозби се цементирал статусот на семејството како богато, не изземајќи ги и неговите членови како одделни личности во општеството. Дури и за брачниот статус во различни култури се користеле соодветни маркери на пример, облеката се менувала со него.

ПРВИ ПО ВАЖНОСТ ЛУЃЕТО ОД НИВНОТО ОКРУЖУВАЊЕ

И телото е подложно на влијанија кога е статусот во прашање, и општествената и економската положба на човекот. Порано бледникавоста ги карактеризирала богатите луѓе. И дебелината, згоеноста. Сиромашните биле мршави неисхранети, слаби, но и потемнети од работа (физичка) на сонце. Модернизмот сепак ги измеша работите, фаворизирајќи ја спротивноста преку диети егземпларно. А, онаму каде што и натаму владее традиционалното, кога се работи за погледите, вкусовите…, дебелината е знак на просперитет. За статусни симболи се сметале и тетоважите по целите тела на воините и сплесканите чела кај новороденчињата, шашливоста (направена со намера), острењето на забите и вградувањето на драгоцени камења во нив, речиси сè карактеристично за Маите.

Џет сетот или кремот на општеството во втората половина од 20- тиот век, особено во последната декада, се сврте кон брендовите од гардеробата, преку мобилните телефони, до цигарите  истакнувајќи ги логоата. Високите стандарди ги диктира(ше) потесниот слој за кого се врзува(ше) и колекционерството и авионите во приватна сопственост и луксузните лимузини, па дури и патувањата чии крајни дестинации се први на ранг листите. Секако, во друштво со убави жени. Статусните симболи генерално се однесуваат на мажите, иако не се апстрахира ни женскиот пол. Денес угледот кој го уживаат одделни личности во општеството, кон што се стреми и мнозинството, не случајно се дополнува со 10- тина статусни симболи, означувајќи го едновремено и капиталот со кој моментално располагаат, меѓу другото. Костимите сошиени по мера на телото чија физичката развиеност е резултат на континуираното вежбање во теретана, со извезени монограми на некои од нив, секогаш искомбинирани со добри чевли, по можност рачна изработка, часовник (антипод на накитот кај жените) што се одликува со елеганција и луксуз, без исклучок на гаџетите кои се последен збор на техниката, лимузината (патничкиот автомобил) со истите особености како и саатот (елегантен, луксузен), што во исто време го открива и начинот, стилот на живеење, своето убедување кое никако не смее да се премолчува (неприкосновено право е слободата на мислењето, изразувањето), манирите што произлегуваат од воспитанието, навиките за доброто однесување (простотијата не оди со реномето, репутацијата во никаков случај), умеењето и тешките работи да ги вршат со леснина („sprezzatura“) и неминовно, први по важност луѓето од нивното окружување, кои во голема мера се инволвирани и во животот и во бизнисот. Сè останато е лоша импровизација.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ