Бугати, Кенигсег, Вектор, Хенеси, Салин и на нив сличните, сите тие го „бркаат“ најдоброто време, но само на некои од нив им успева. Од забава или од престиж, да се засенат другите, или да се покаже кој е кој во светот на големите брзини, или сето тоа го прават од уживање?
Има нешто многу занимливо во автомобилската индустрија, кое понекогаш звучи сензационално. Иако вторава особина не ни се допаѓа, сепак големата брзина предизвикува чувство на своевидна моќ. Во секојдневните разговори за автомобилите најчесто поставуваните прашање се: колку троши, колку пари чини, за колку секунди постигнува 100 км/ч и колкава е крајната брзина. Без овие четри „чуда“ не почнуваат и не завршуваат муабетите за автомобили. Токму таа крајна брзина е клучна во текстов. Неколку производители во светот постојано водат битка за тоа кој ќе направи најбрз автомобил и кој ќе биде сопственикот на светскиот рекорд. Бугати, Кенигсег, Вектор, ССЦ, во поново време и Римац е во тоа друштво со своите автомобили и нивните 2000 коњски сили, иако се електрични. На 19 октомври американскиот производител на хипер брзи автомобили ССЦ постигна брзински светски рекорд со сериски автомобил, не со прототип, не со концепт или нешто слично. Сето тоа веднаш го објави и според правилата сега компанијата ССЦ е носител и сопственик на светскиот рекорд кој изнесува 532,93 км/ч постигнат од моделот „туатара“.
Екстремно брзиот „ссц туатара“ е автомобил со најдобро испеглана аеродинамика на планетава. Неговиот коефициент на отпорот на воздухот изнесува 0,279 – најдобриот на сите времиња во класата на хипер брзи автомобили. При влегување во брзина од 240 км/ч и натаму до максимално постигнатите 530 км/ч, односно 532,93, автомобилот покажува беспрекорна аеродинамична избалансираност од 37 отсто на напред и 63 отсто назад, со што се осигура оптимално прецизен подпритисок врз сите четири тркала. Силината од 1750 КС излегува од моќниот V8 мотор со работна зафатнина од 5,9 литри, развиван и направен во соработка со работилницата „Нелсон Рејсинг Енџинс“. Сè е ускладено до перфекција, мотор, шасија, менувач, распределба на тежина и секако аеродинамиката. Сето тоа „работи“ на случајот стабилност и постигнување вртоглава брзина, односно рекорди 532.93 км/ч. Менувачот е обичен компјутеризиран со седум степени, но одбирањето на запчаниците во кутијата го спроведува врвниот автоматски систем „аутомак амт“.
Веродостојноста на постигнатиот рекорд оди преку претходно утврден ред кој важи за сите производители. Како и секогаш во поново време, рекордот беше пратен преку гпс систем преку 16 сателити, а сето тоа беше филмски документирано со еден куп камери, со камера поставена на борбен авион ловец, на хеликоптер и на неколку дронови. Зад овој подвиг на компанијата ССЦ стојат нејзиниот прв човек Џерод Шелби, потоа возачот Оливер Веб, човек кој „влече“ големо искуство од тркачките патеки и секако севкупниот тим од конструктори механичари и организатори.
При постигнување брзински рекорд постојат неколку правила. Ако тие правила се почитуваат тогаш рекордот ќе биде официјализиран и запишан. Ова се тие правила кон кои треба да се придржуваат компаниите кандидати за уривање на брзинските рекорди. Автомобилот мора сериски да се произведува и да биде идентичен со автомобилот кој се продава. Автомобилот мора да вози два пати низ една иста рута, возење во еден правец, а потоа во спротивен. Ова се спроведува со цел да се избегне влијанието на ветровите и аголот на патот. Рекордот мора да биде поставен на јавен пат, а не на тркачка патека или нешто слично. Постигнатата брзина мора да биде мерена од сертифициран гпс уред во присуство на двајца овластени сведоци меродавни да го потврдат резултатот. И последното правило вели, автомобилот мора да користи пневматици кои можат да се купат, а, пак, горивото мора да биде обично. Забрането е да се употребува гориво и пневматици наменети за трки. И сиот тој потфат мора да биде направен за време не подолго од 60 минути.
Рекордот бил постигнат во утринските часови на 10 октомври на патниот правец долг 11,3 километри во пустината Невада, во непосредна близина на Лас Вегас, на патот означен со број 160. Пилотот Оливер Веб по подвигот ја нагласува способноста на возилото да постигне уште подобар резултат, тој вели ветровите биле главна причина забрзувањето да застане на 532, 93 км/ч. Автомобилот имал уште сила да повлече, но било премногу ризично да се оди против страничниот ветар. Вреди да се спомне тежината на автомобилот, 1.247 кг, односно секој килограм е влечен од 1,4 коњски сили.
Не е првпат компанијата ССЦ со своите ултра брзи автомобили да урива рекорди. Во 2007 моделот „ултимејт аеро (ссц аеро тт)“, поставува нов светски рекорд, 411,87 км/ч и истиот е во негова сопственост до 2010 год. Во првата половина од годинава моделот „туатара“ соборува светски рекорд постигнувајќи 508,73 км/ч, преземајќи го рекордот од 447 км/ч во сопственост на „кенигсег агера рс“. Практично „ццс туатара во една година два пати руши светски рекорд.
Бугати чирон супер спорт“ во 2019 год. има постигнато брзина од 490,48 км/ч, но на патека строго наменета за тестирања, не на автопат и притоа не направил две возења, одење и враќање и затоа неговиот резултат не е воопшто запишан меѓу рекордите, односно не е признат.
И за крај да појасниме од каде доаѓа името „туатара“. Тоа е вид редок водоземец што живее на Нов Зеланд. Најголем е од групата такви животни – еден зрел примерок тежи околу 1,5 килограми чија должина изнесува околу 60 сантиметри. На маорски јазик туатара значи „врвови на грбот“. „ССЦ туатара ги има тие „врвови“ кои се наоѓаат веднаш над стоп светлата