Сообраќај – ТРОТИНЕТИ, ВЕЛОСИПЕДИ И МОПЕДИ

22/05/2019

ДОБРАТА СТРАНА НА ВОЗИЛАТА НА ДВЕ ТРКАЛА Е ШТО ТИЕ МНОГУ ЛЕСНО СЕ ДВИЖАТ НИЗ ГРАДСКИТЕ УЛИЦИ, СО ШТО СЕ НАМАЛУВА СООБРАЌАЈНИОТ МЕТЕЖ И ЗА НИВ НЕ Е ПОТРЕБЕН КОЈЗНАЕ КОЛКУ ГОЛЕМ ПАРКИНГ, А ЛОША СТРАНА Е ШТО ГОЛЕМ БРОЈ ОД НИВ НЕ СЕ ДИСЦИПЛИНИРАНИ.

 

Колку и дали возачите со нивните возила на две тркала ги почитуваат сообраќајните прописи – ќе биде разгледано во вториот дел од текстот што го најавивме во минатото издание на АМСМ Клуб Мобилити. Секој учесник во сообраќајот може многу прецизно и детално да одговори на поставеното прашање. Без исклучок, сите имаат некакви искуства, повеќето од нив се негативни, а позитивните се во значително помал број. За дисциплината или за недисциплината на учесниците во сообраќајот на две тркала, главен виновник се тие самите и никој друг. Секако дека на ваквата состојба треба да се додаде и непостоењето на посебен простор, патеки за велосипедите и за тротинетите или, ако ги има, тогаш нивната километража е далеку од доволна.

Ниската или никаквата сообраќајна култура на возачите на две тркала не ги изложува на опасност само нив туку и другите учесници во сообраќајот. За жал, тоа е состојбата со „двете тркала“ во земјава, а уште потрагично е што тие се незаинтересирани да ги сменат своите лоши навики. Бројот на возилата на две тркала секојдневно станува сè поголем и нивното учество во сообраќајниот метеж е повеќе од забележливо. За пофалба се мотоциклистите и мопедистите затоа што во последно време сите носат шлемови, а како сенка ги следат и велосипедистите.

Не треба да бидеме дел од некоја институција за водење статистика за да знаеме дека најголем процент од возачите на две тркала се младите. За ова не ни е потребна никаква потврда или анализа затоа што и вие, другите учесници во сообраќајот, забележувате дека главно младата популација управува со возила на две тркала и таа, покрај пешаците, е најранлива во сообраќајот. И ако сегашнава ситуација со недисциплината во сообраќајот не биде отстранета, ќе се соочиме со тешки последици, но може да се забележи дека веќе се соочуваме. Надлежните мора итно да преземат соодветни мерки за да се смени целата лоша практика и тоа мора да биде темелно менување на погрешните навики, инаку лошо ни се пишува. Никој не сака да страда во сообраќајни не- згоди, а за да дојдеме до степен да нема повредени во сообраќајот ќе треба да се работи: долго, темелно, но и наедно и брзо затоа што немаме премногу време.

Мопедите, популарно наречените скутери, мотоциклите буквално возат каде што ќе им текне, односно насекаде: и на улиците и на тротоарите и на пешачките зони. Напишаново го гледаме секој ден и така е со години и децении, но ништо не се менува.

Некои сопственици, речиси сите, возат во пешачките зони, а кога седат во некое кафуле, мотоциклот е до нив, уште малку и со него да влезат во локалот. Пешачките зони се преполни со деца што трчаат и воопшто не е пријатно меѓу нив да се движат мотоцикли. Тоа го прават и велосипедистите и тротинетистите. Ова лудило мора да запре, да биде прекинато, отстрането.

Друг проблем е брзото возење. Колку што ни е познато, максималната дозволена брзина во градска средина е 50 км/ч, а некаде 40 км/ч и 30 км/ч. Овие брзини ретко некој ги почитува. Најчесто мотоциклистите се тие што возат со двојно поголема брзина од максимално дозволената, а трките по булеварите се наше секојдневие. Нивното возење по улиците не личи на ништо друго туку на слалом што го практикуваат скијачите. Префрлувањето од една во друга коловозна лента не е поддржано со вклучување соодветен трепкач. Направата наречена трепкач, лев и десен, за повеќето мотоциклисти и мопедисти е украс.

Нема да се изненадиме ако некој од нив каже дека трепкачите трошат „струја“ или се трошат како свеќа. Што е толку тешко, при менување правец на движење да се вклучи соодветниот трепкач и со тоа да им дадеме до знаење на другите учесници во сообраќајот каде возиме? Тешко или лесно, тие, несовесните, нема никогаш, или многу ретко ќе ги употребат, веројатно само кога одат да го регистрираат возилото.

Тоа е обврска еднаш во годината и таму ги вклучуваат за да извршат проверка дали се или не се исправни. За жал, не е направено доволно за искоренување на лошата состојба во сообраќајот со возилата на две тркала. И уште нешто, до кога ќе бидеме само неми сведоци на горе напишаното?

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.