Претходно го најавивме неговото доаѓање, а сега го претставуваме, односно сега во април за првпат беше изложен на Салонот за автомобили во Шангај, еден од петте најголеми и најзначајни во светот. Зборуваме за Смарт и неговиот најнов модел „3“ кој не е обичен автомобил туку спорт јутилити купе (сук) и конструкторите се гордеат со тоа.
Нов надворешен и внатрешен дизајн со простор за четири возрасни лица. Иако е конструиран на основа од платформата што ја користи помалиот, моделот „1“, сепак располага со следниве димензии: 4.220 мм должина, 1.800 мм ширина и 1.600 мм висина, што го прави досега најголемиот во семејството и има за 35 мм поголемо меѓуоскино.
Производителот даде штури податоци за новиот модел, изведбата со погон на две тркала ќе располага со преголеми 268 КС, а „брабусот“ 422 КС и погон на сите тркала. Сега на ред е континенталната премиера на ИАА во Минхен, што ќе се одржи од 5 до 10 септември, а продажбата ќе започне на почетокот од 2024 година.
Жарко Атанасоски