Оваа година е година на Шкода. И други производители на автомобили годинава слават јубилеи, но Шкода е пред сите и еве зошто е тоа така. Почетоците на Шкода датираат од пред точно 130 години, кога Вацлав Лорин и Вацлав Клемент ја основале компанијата и отвориле своја работилница за поправка и производство на велосипеди. Во 1905 година го произведуваат првиот автомобил, а во 1925 год. светот е сведок на првиот автомобил под името Шкода.
Тоа се три јубилеи во една година. Затоа Шкода е пред сите со славењето јубилеи. По повод почетоците на Шкода, тамошно вработениот дизајнер Даниел Петр имал желба да нацрта некој концепт или нешто слично, но да биде поврзано со автомобилскиот спорт бидејќи токму на тоа поле работи, дизајнира автомобили за Шкода Моторспорт. За исполнување на својата желба, почнал да пребарува, каде ако не, во ахривата на Шкода. Пребарувајќи наидува на „шкода спорт“ од 1950 година, расно тркачко грло кое учествувало на легендарната трка на издржливост 24 часа Леман.
Денешната изведба на тој посебен тркачки модел е повеќе од убаво и жално е што ќе остане само на хартија. Дури ни концепт од него нема да направат, Но ако веќе прават концепт, спидстерот е навистина нешто посебно и штета е да не продолжат со сериско производство. Еве нека биде огранична серија од 130 примероци (или нешто слично).
Мотор со внатрешно согорување плус хибридна технологија, тоа би бил погонскиот дел, а останатото е монокок изработен од јаглеродни влакна, беспрекорна аеродинамика и што уште не. Цртежите се правени надвор од работното време, во раните утрински или до доцните вечерни часови. Творецот Даниел Петр вели дека уживал и му било повеќе од задоволство да ја оживее легендата на Шкода, „шкода спорт“ која пред 75 год. учествувала на трката 24 часа Леман. За тројниот јубилеј на Шкода и за целата нејзина историја пишувавме во мајското издание на АМСМ Клуб Мобилити.
Жарко Атанасоски