ЦЕЛИ 60 ГОДИНИ МОДЕЛОТ OCTAVIA Е СТОЛБ НА ПОРТФОЛИОТО НА ВОЗИЛА ОД ЧЕШКИОТ БРЕНД. ГОЛЕМИОТ БРОЈ НА КЛИЕНТИ Е ДОКАЗ ЗА ТОА КОЛКУ СЕ ЦЕНАТ НЕГОВИОТ ПРОСТОРЕН ЕНТЕРИЕР, БЕЗВРЕМЕНСКИ ДИЗАЈН И ОДЛИЧНАТА ВРЕДНОСТ ЗА ВЛОЖЕНИТЕ ПАРИ.
Комплетно новата генерација на Octavia зрачи со надворешниот дел кој иако со целосно нов изглед поседува многу детали кои јасно и непогрешливо говорат дека доаѓа од куќата на Skoda. Елементите како кристалниот дизајн кој зрачи со прецизен и безвременски финиш се отсликуваат на надворешноста. Исто така, на предниот дел се наоѓа новата решетка со хромиран финиш во форма на шестоаголник, а покрај неа се наоѓаат комплетно новите fullLED светла со остар изглед. Дизајнот на предниот дел се пренесува по должината на целото возило преку препознатливата т.н. Торнадо линија и завршува на задниот дел, на кој јасно се забележува движењето кое го нагласува класичниот и елегантен изглед на Octavia. Димензиите се зголемени и сега Octavia има должина од 4,689 мм и ширина од 1,829мм, додека меѓуоскиното растојание изнесува 2,686мм. Поголемите габарити на надворешноста прават разлика во внатрешниот дел, каде просторот е максимално искористен за врвен комфор на патниците.
Дизајнот на внатрешноста е целосно променет, а пред возачот е поставен управувач со два краци и дигиталниот кокпит со избор помеѓу четири прикази на информации. На централната конзола се наоѓа инфозабавен систем кој доаѓа во две големини, од 8,25 до 10 инчи. Во зависност од изведбата функциите на системот можат да бидат контролирани со гестикулации или во комуникација со Лаура, вашиот личен Skoda виртуелен асистент. Комфорни патувања ветуваат седиштата во сите нивоа на опрема, благодарение на одличната лумбарна поддршка и функцијата за масажа кај повисоко опремените примероци. Сите материјали во внатрешноста се меки на допир, обложени со кожа, или квалитетна ткаенина кои даваат севкупно премиум чувство. Оставите во вратите се големи, просторот во наслонот за рака е одличен, а во оставата за телефон е интегриран безжичен полнач кој доаѓа во повисоко ниво на опременост.
Дополнително, за патниците се достапни 5 USB приклучоци. Во задниот дел, веднаш се забележуваат зголемените пропорции во однос на претходната генерација. Сега патниците имаат уште поголем простор за максимален комфор при долги патувања. Кога станува збор за практичноста, Octavia отсекогаш е лидер во класата. Низ целата внатрешност интегрирани се многу детали кои секако ќе ви бидат од корист, како џебовите за телефон на страничните делови од предните седишта. Веќе познатите SimplyClever решенија продолжуваат и во новата генерација на Octavia. Како што се гребалката за мраз која се наоѓа под капакот за полнење гориво со која, исто така, можете да ја измерите длабочината на шарите на вашите пневматици. Тука се и држачите за таблет на задните страни од седиштата, чадор во предните врати, како и штипка за паркинг тикет на ветробранското стакло. Големината на багажниот простор изнесува 600 литри, што е речиси двојно повеќе од некои возила во класата. Со спуштени седишта, просторот се зголемува на неверојатни 1.740 литри. Во багажниот простор паметно интегрирани се повеќе закачалки, дополнителни прегради за организирање на багажот, двоен под со гумена и страна од ткаенина.
Новата Octavia стандардно доаѓа со системот за итно сопирање, систем за одржување на коловозна лента, како и функцијата за итен повик во случај на незгода. Дополнително достапни се системите за набљудување на слепа точка, систем за спречување на незгода, предупредување при напуштање на возилото и системот за сообраќаен метеж. Интелигентниот адаптивен темпомат врвно го олеснува патувањето, додека сензорите и задната камера се секогаш корисни при паркирање.
Понудата за Octavia започнува со 1.0 и 1.5 литарски турбо бензински мотори со мануелен, или автоматски DSG менувач со двојна спојка и моќност од 115 и 150 КС. Дизел верзиите емитуваат 80% помалку NOx гасови од порано, благодарение на двата секвенцијални катализатори. Моќноста на два литарскиот дизел мотор е, исто така, поделена на две верзии и изнесува 115 КС или 150 коњски сили.
Цените за новата Octavia стартуваат од 19.700 евра колку што треба да се издвои за бензинскиот 1.5 литарски мотор со 150 КС и се искачуваат до 27.910 евра за кои се добива најопремената 2.0 литарска дизелска верзија со 150 КС.