Познатиот чешки производител на автомобили и оваа година ќе биде главен спонзор на велосипедската трка на француско тло. По повод 112. издание на оваа многу позната трка, но најмногу по повод 130-годишнината од создавањето на Шкода, учениците од дизајнерско-конструкторското училиште во сопственост на Шкода одлучиле да изненадат со следниов концепт наречен „шкода л&к 130“. А и не е концепт само за изложба, возилото ќе се појави на велосипедската трка, најверојатно како поддршка.
За овој потфат учениците земале да прекројуваат еден „суперб комби хибрид“. Горниот заден дел го отстраниле и со тоа добиле некој вид пикап. Бидејќи покривот е дел од конструкцијата на автомобилот кој придонесува за неговата цврстина, учениците ја имаат дополнително зацврстена сета конструкција на „супербот“. Отворениот дел за товар е наменет за носење велосипеди, но и дел од покривот исто така носи велосипеди. Задната десна врата е доправана, поточно сега не се отвора класично, туку лизгачки. Таквиот вид отворање овозможува механичарот лесно да изврши поправки на велосипедот од такмичарот и тоа во движење. Во задниот дел од возилото кај петтата врата, вградена е мала платформа која електрично се извлекува и вовлекува, наменета за превоз на велосипеди.
„Шкода л&к 130“, може да измине 133 км возејќи само на електричен погон, а со додавање на малку поинаква батерија и со олеснување на возилото, ќе може да служи како поддршка за време на една цела етапа. Како што е сега направена изведбата, ќе може да ги прати велосипедистите само на кусите, но не и на подолгите етапи. На нив ќе мора да биде заменета со друго возило.
Пред 130 години, односно во 1895, Лаурин и Клемент започнале со производство на велосипеди, а од 1905 започнале со моторни возила. Ова важи и за нивниот мотоцикл – првиот во светот. Затоа бројот „130“ стои во името на концептот, односно прототипот.
Жарко Атанасоски