Салонот за автомобили Франкфурт 2019 – ЕЛЕКТРОМОБИЛИТЕ ГО ИМАА ГЛАВНИОТ ЗБОР

22/10/2019

НА САЕМОТ БЕА ПРЕТСТАВЕНИ ОКОЛУ 60 ПРЕМИЕРИ, 15 МАРКИ ОТСУСТВУВАА, ИЗЛОЖБЕНИОТ ПРОСТОР ВО ОДНОС НА МИНАТОГОДИШНИОТ НАМАЛЕН ЗА 16 ОТСТО, ПОВЕЌЕТО МАРКИ ЗАКУПИЛЕ ПОМАЛИ ШТАНДОВИ И СЕГА ЧЕКАМЕ ОРГАНИЗАТОРОТ ДА ИЗЛЕЗЕ СО ОФИЦИЈАЛНИ БРОЈКИ, СО СТАТИСТИЧКИ ПОДАТОЦИ.

 

Најголемите светски изложби на автомобили во светот имаат еден мошне современ детал, а тоа е „производителите фаќаат кривина“, односно, не учествуваат. Оваа негативна појава е присутна веќе со години наназад, најмалку пет.

Минатиот месец на манифестцијата во Франкфурт, за жал, не беа следниве производители на автомобили: Алфа Ромео, Астон Мартин, Волво, Дачиа, Инфинити, КИА, Нисан, Пежо, Ролс Ројс, Сузуки, Тојота, Цитроен, Ферари, ФИАТ, Џип итн. Која им е филозофијата со неучеството во Франкфурт само тие знаат. Истото важи и за останатите отсутни од минатите саеми. Почнаа да се шират гласини дека во 2021 година изложбата ќе биде откажана, нема да се одржи. Некои, пак, велат Франкфурт да го отстапи местото на другите градови – секоја изложба во друг град.

Многумина велат дека наместо да се нагласуваат новите автомобили, треба да се даде предност на новите технологии кои се вградуваат во автомобилите. Не е мал бројот на тие што мислат дека најдобро е концептите да го имаат првото место на изложбите и супер современит возила, а не досегашниве во кои измените се повеќе шминка и не нудат ништо спектакуларно и револуционерно – секоја саемска манифестација едно те исто, тоа „исто“ може да се замени со „слично“.

Салонот за автомобили во Детроит во цел свет беше познат по тоа што е прв во календарската година. Прв во годината, но посетеноста не беше на посакуваното ниво и затоа организаторите решија првото место да и го отстапат на Женева. За себе го одбраа крајот од пролетта, од 6 до 20 јуни, а за посетителите од 13 до 20 јуни, една седмица плус еден ден. Далеку поубаво е да патуваш на пролет, отколку во екот на зимата, но дали осум дена се доволни за посетителите затоа што Детроит не е локален саем, туку е еден од петте најголеми и најважни во светот.

Да видиме дали промената на датумот на одржувањето ќе донесе повеќе посетители, а тие пет според стариот распоред се: Детроит, Женева, Пекинг / Шангај, Франкфурт / Париз и Токио. Што беше актуелно и привлечно во Франкфурт без тие петнаесетина марки, одговорот е електромобилите го имаа главниот збор. Кинезите повторно го напаѓаат континентов и сакаат да освојат дел од автомобилскиот пазар. Сега се обидуваат со возилото „битон м – бит“, нешто како сув возило, ама повеќе влече на кросовер. Изненадува преголемиот екран внатре на кој може да се види буквално сè – 122 сантиметри во должина е претерување, како во кино. Според плановите на производителите, „хонда е“ и „фолксваген ид 3“ наскоро ќе влезат во продажните салони, а цената се „врти“ малку над 30.000 евра. Автомобил од ниската класа за 30.000 евра? Додека ниската класа нема толку популарна цена, Порше ја претстави електролимузината „тајкан“ наменета за тие што сакаат брзи лимузини и тоа со ознака турбо – погон на струја, но со турбо. Какво е тоа турбо да треба да објаснат Поршеовци!

„Ленд ровер дефендер“ се откажа од стариот класичен дизајн, го прекина производството и сега во Франкфурт ја прикажа новата генерација од истиот модел. Основниот дизајн е задржан и секако има примеси и од поголемите и полуксузните во семејството, така што изгледот може да го коментираме како редизајн на старото со примеси на новото.

За публиката еден од најзанимливите беше штандот на Ламборџини каде беше прикажан моделот „сион“, најбрзиот кој воопшто бил направен од оснивањето на компанијата до денес. Најбрзиот бик во себе има 819 КС и да не заборавиме да го кажеме следново, „ламборџини сион“ е хибрид, исто како „тојота приус“.

Опел и неговата „корса“ на електричен погон сигурно ќе биде еден од главните играчи во класата. До него беше изложен концептот „електро гт“, Опелов ретро дизајн на мало купе возило кое датира од пред речиси пет децении. Покрај Опел, тука мора да биде и Форд, тие на европско тло одат рака под рака. Популарниот модел „пума“ сега не е купе двосед, туку кросовер – во обична и хибридна изведба. Покрај „пумата“ и останатите фордови модели се електрифицираа во облик на хибриди. Отсега натаму го имаме и Мини во електрифицирано издание. И тој се појави во Франкфурт. Цена? Не знаеме.

Сигурно се сеќавате на мини возилото Смарт. Кај него приказната со моторите со внатрешно согорување е завршена. Фабриката произвeдува возила само со погон на електромотори. Мерцедес го претстави моделот „вижн е ку с“. Концептот е всушност идната „с“ класа во електрично издание.

Рено се пофали со втората генерација од моделот „каптур“ изложувајќи од него неколку изведби и тоа беше сè. Иронијата да биде поголема, примероците не беа изложени како сите останати во саемските хали, туку во салата за конференции.

БМВ излезе со концептот „вижн и некст“, нешто како кросовер, со допадлив дизајн, а веднаш до него и „вижн м некст“ класика од купе. Сето ова беше спакувано во „електрична фолија“.

И Ауди претстави интересен концепт, необично теренско возило, со забележителен дизајн по кој младата популација возачи би лудувала, но производителот одлучи „а 1 треил“ да фаќа прашина во некое депо.

Беа прикажани околу шеесетина светски премиери, од кои најголем број беа на електричен погон. Дами и господа возачи, сè е тоа добро со електрификацијата на возилата, но таа „струја“ треба да биде произведена. Погонот на електрична енергија еколошки е исплатлив, само ако таа струја се добива од обновливи извори на енергија, во спротивно ништо не сме направиле. Така накусо го опишавме Салонот за автомобили во Франкфурт што се одржува секоја втора година, односно биенално со манифестацијата во Париз.

Следна манифестација е таа во Токио и за годинава сме завршиле, а догодина прва во календарот е Женева. Најголемите саемски манифестации губат изложувачи. Што се случува и дали некој ги знае одговорите?

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.