ЛУКСУЗ, ЕГЗОТИКА, ХИПЕР АВТОМОБИЛИ, НО ИМАШЕ И ОД СЕКОЈДНЕВНИТЕ. СЕПАК ВО ИЗМИНАТИВЕ ГОДИНИ НА ЛУКСУЗОТ МУ СЕ ОТСТАПУВА ПОВЕЌЕ МЕСТО И ПОСВЕТУВА ПОВЕЌЕ ВНИМАНИЕ, „НИКНАА“ МНОГУ ПРОИЗВОДИТЕЛИ КОИ ИМ ЗЕМААТ МЕРКА НА ВЕЌЕ НАДАЛЕКУ ПОЗНАТИТЕ, КАКО НА ПРИМЕР РИМАЦ ВО ОДНОС НА: ФЕРАРИ, ЛАМБОРЏИНИ, МАСЕРАТИ, ПОРШЕ И ОСТАНАТИЕ ОД ДРУШТВОТО.
Откако неколку реномирани производители на автомобили не беа присутни на минатите големи светски манифестации, организаторите почнаа да бараат излез од таа ситуација бидејќи чувството не е воопшто пријатно кога пет до шест, а некогаш и цела дузина производители откажуваат присуство. Тоа е директен удар за посетителите, изложбата ќе биде посиромашна со автомобили, но за производителите тоа претставува заштеда.
Минатиот месец, од 7 до 17 март, се одржа 89. издание на познатата автомобилска изложба во Женева. Светот многу добро знае што претставува оваа манифестација и колку е истата значајна за автомобилската индустрија и воопшто во светот на автомобилите.
Останатите колку и да се големи, со звучни имиња, посетени и престижни, сепак изложбата во Женева е врвот. Тој неутрален терен како да е магнет за сите производители на автомобили да се претстават во што поубаво светло пред светот. Покрај сето кажано има уште нешто, а тоа е шармот кој се чувствува во сета таа „маѓија“ која се случува во халите.
Годинава манифестацијата мина во знакот на концептите или нам така ни се чинеше. Рака на срце, беа доминантни во однос на сериските автомобили, немаше штанд без концепт. Тоа што концептите беа насекаде, не е лошо, напротив, убавината доминираше, посетителите задоволни, а производителите го сондираат одзивот од публиката, гледачите и читателите. Посебно место на Саемот за автомобили во Женева им е посветено на спортските модели. Нивните коњски сили се над 500, максималната брзина им е над 300 км/ч, а цените се бројат во стотици илјади евра.
Lamborgini Huracan Evo Spyder
Според прикажаното, во блиска иднина треба да очекуваме наплив од нови линии и облици, нови дизајни, поагресивни, поубави, попривлечни за очи. Според организаторите во Женева од вкупно изложени над 900 автомобили, биле претставени 151 светска и континентална премиера, а сето тоа го виделе повеќе од 600.000 посетители.
Прв за спомнување е концептот од Фиат, „чентовенти“, како што кажува и неговото име, 120. Велат дека концептов е достоен заменик на легендарната „панда“ потпишана од мајсторот на дизајнот Џорџето Џуџаро. Ќе оставиме времето да покаже што ќе се случи со концептот „чентовенти“. Наспроти Фиат со неговата 120. годишнина, еден век постоење слави Цитроен. По тој повод конструкторите лансираат концепт возило, типично градско, „цитроен ами уан концепт“.
Bentley W.O Edition
„Хонда е прототип концепт“, електрично возило со погон на задните тркала и растојание од 200 км кое го изминува со едно полнење на батеријата. Велат продажбата ќе започне во 2020 година. Малку дискутабилно за Хонда, за јапонската индустрија, само 200 км!? Џуџаровиот концепт „италдизајн да винчи“ претставува врв од креација кога зборуваме за класичен спортски автомобил. Неговата основа, како што вели конструкторот, може да се постави на било која модуларна платформа и потоа да се создава, прави, купето. Италдизајн открива добар детал од производството на концептот, кој е направен по повод петте века откако е починат Леонардо да Винчи.
„Пежо е легенд концепт“ купе со извонреден дизајн кој заслужува многу повеќе, односно сериско производство. Прашањето е „зошто Пежо не преземе сериозни чекори кон продажните салони?“ Иако Алфа Ромео својот нов модел „тонале“ го нарече концепт, тоа всушност е сериски модел и прашање е на време кога ќе влезе во продажните салони.
Ginetta Akula – Geneva
Ако некој го шокираше светот тогаш тоа е „пининфарина батиста пф0“, автомобил на електричен погон направен во чест на основачот на компанијата „Батиста Пининфарина“. Погонот е позајмен од хрватската Римац, односно користи четири електромотори, на секое тркало по еден, со вкупна силина од 1874 коњски сили. Со толку силина автомобилот постигнува брзина од 300 км/ч за помалку од 12 секунди.
„Имагинацијата“ приредена од Киа во концепт изведба е правецот во кој ќе оди развојот на електромобилите на оваа компанија. Кога егзотиката го има последниот збор, тогаш Бугати стапува на сцена со моделот „воитур ноир“ (црниот автомобил)– цена 11 милиони фунти, најскапиот во моментов меѓу „сериските“.
Porsche 904 race car
Порше допатува во Женева со неговата класика над класиките, најновиот 911 во кабриолет изведба. Додека конкуренцијата се расфрла со класиката, Ферари се пофали со моделот „ф8 трибуто“, замената за „488“, во кој е сместен најтрофејниот мотор во класата, прочуената ферариева V8 со 4,2 литри зафатнина и трите последователни титули за најдобар мотор. На саемот се појавија и сосема нови производители како „Пуриталија Аутомобили“, „Пих Аутомотив“, едниот од Италија, а вториот од Швајцарија со директна врска (и протекции) во Фолксваген. Обата претставија класика од спортско купе, а до каде ќе стасаат, ќе видиме.
И легендарната „ланча стратос“ беше изложена од страна на „Манифатура Аутомобили Торино“ кои велат дека од наредната година ќе мине во сериско производство. И познатата „фризерница“ Мансори беше присутна во Женева со фасцинантни преработки на ретките „птици“ од типот на Ламборџини и компанија. Сега да излеземе од претераниот луксуз и да го претставиме „сеат минимо“, едносед на електричен погон, визија за градско возило или уште подобро да „отидеме“ кај Пежо на гости да ја видиме новата „две- стеосумка“.
Hispano Suiza Carmen
Напоредно со неговиот прв со сед, Рено ја претстави петтата генерација од моделот „клио“. Ќе биде густо во ниската средна класа. Нема што нема во Женева, од сè по нешто и за секого. Наредната година е јубилејното 90. издание на Женевската престижна манифестација. Сигурни сме дека организаторот уште од сега прави детални подготовки и без сомнение ќе приреди изложба за паметење.
Fornasi