Одлуката за правење електричен модел, извршниот директор во компанијата Торстен Милер Отвос ја нарече втора најголема одлука од формирањето на компанијата во 1904 год. кога Ролс и Ројс се договориле заеднички да прават автомобил. Отсега Ролс Ројс нема да се бави со производство на лимузини со погонски единици со внатрешно согорување. Велат до 2030 год. сите нивни модели ќе бидат целосно електрифицирани. Првичните фотографии се малку повеќе маскирани, но барем се официјални. Обликот на возилото потсетува на неговите претходници, така што не очекувајте нешто многу да изменат во дизајнот. Електричната погонската единица е главна и сите очи се вперени во неа, а останатото е само следење на традицијата. „Спектар“, тоа е името на првиот Ролс Ројс на струја.
Производителот сакаше само да го извести светот дека тргнува да произведува само електромобили. Ако сте приметиле, Ролс Ројс досега нема претставено хибриден модели и нема ни да претстави. Скоро најавениот електричен модел го именува како „спектар“ и можно е да ја носи истата шасија како „седумката“ од БМВ. За ова мислење од новинарите, засега одговорните од Ролс Ројс, а уште помалку од БМВ, нити потврдуваат нити ја отфрлаат можноста за таква „рокада“, но затоа го нагласија долгиот период на тестирања на автомобилот. Сето тоа изразено во должинска мерка е еднакво на 2,5 милиони километри, а целта е до најситен детаљ лимузината да биде проверена и потврдена нејзината неуништливост и дури потоа да биде пуштена во продажба. Возењето ќе се одвива на секакви патишта ширум светот, а одговорните за тестирањето имаат задача да ја спроведат сета програма како возилото да е користено за време од 400 години. И потоа се прашуваме зошто некои автомобили се толку многу скапи – најнапред тестирања и испитувања како автомобилот да бил возен 400 години, а дури потоа оди во продажба откако претходно ќе бидат отстранети сите „фалинки“.
Како што изјавуваат од Ролс Ројс, првичното претставување на електричната лимузина пред светската јавност е закажано за крајот од 2023 год. и потоа веднаш ќе биде пуштена во продажба.