Rolls-Royce Landspeed-НОВАТА КОЛЕКЦИЈА ВО СПОМЕН НА GEORGE EYSTON

20/08/2021

ROLLS-ROYCE НЕОДАМНА ЈА ПРЕТСТАВИ СВОЈАТА LANDSPEED КОЛЕКЦИЈА ОД ДВА СОСЕМА НОВИ АВТОМОБИЛИ ВО ОГРАНИЧЕНО ИЗДАНИЕ, БАЗИРАНА НА BLACK BADGE ЕДИЦИЈАТА ШТО СЕ СОСТОИ ОД WRAITH И DAWN МОДЕЛОТ

 

Легендарната британска марка отсекогаш е синоним на луксузот и раскошниот начин на живот, но, како што сугерира името, овие две ограничени едиции се поврзани со брзинските рекорди, што вообичаено и не е баш својствено за Rolls-Royce автомобилите.

Имено, на 16 септември 1938 година британскиот инженер, капетанот George Eyston успеал да го постави својот трет и финален брзински рекорд од 575 километри на час во својот аеродинамичен Thunderbolt модел, кој во себе содржел два Rolls-Royce R V12 аеромотори. Rolls-Royce Landspeed колекцијата му оддава почит на ова историско достигнување.

„Со оваа колеција го оживеавме сеќавањето на Eyston и повторно ја раскажавме неговата неверојатна приказна. Во Wraith и Dawn Landspeed моделите, клиентите ќе пронајдат голем број суптилни дизајнерски елементи и наративни детали кои ги одбележуваат неговите неверојатни достигнувања, визија и исклучителна храброст“, изјави Torsten Müller-Ötvös, CEO на брендот Rolls-Royce.

Двата модела од специјалното издание добија уникатни детали и ознаки, токму со таа цел. Специјалниот третман што го доби оваа колекција е инспирирана од соланите во Bonneville во Utah, каде што Eyston ги поставувал своите рекорди. Гледано однадвор, Wraith и Dawn имаат добиено специјален двотонски финиш, кој ги комбинира Black Diamond Metallic и новата боја наречена Bonneville Blue, која, пак, се прелива од светлосина до сребрена под сончева светлина. Акцентираните светложолта и црна претставуваат своевиден омаж на Thunderbolt.

Внатре, Starlight Headliner небото во Wraith моделот го претставува небото навечер над соланите на 16 септември 1938 година, кога Eyston го поставил новиот рекорд. Со оглед на тоа што Dawn е кабриолет, не ја доби таа опција. Саатот на котролната табла е креиран така што ги „имитира“ мерачите во Thunderbolt, додека силуетите на автомобилите рекордери, како што ги нарекуваат, се нанесени со ласер на предните тунели. Покрај тоа, тука се и трите единствени обележја на вратите кај возачите, креирани од истата Grosgrain ткаена свила чија боја одговара на лентите што ги красат медалите на британскиот инженер.

Rolls-Royce објави дека само 35 Wraith Black Badge и 25 Dawn Black Badge модели ќе се пуштат во производство, а засега за цената сè уште не се говори.

 

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.