Последната недела од мај беше резервирана за Ролс Ројс и неговиот најнов модел, најскапиот автомобил на планетава, наречен „боут теил“. Најскап е затоа што е проценет дури на 20 милиони фунти стерлинзи, барем така велат иако за ваков тип автомобили цената воопшто не се спомнува. Сепак има еден детал кој се нарекува престиж и само поради тој престиж цената ќе „протече“ во јавност сè со цел да се знае кој е кој во автомобилската индустрија, односно да се има во предвид чиј автомобил е светски најскапиот.
Кабриолетот „ролс ројс боут теил“ не е сериски автомобил. Дизајнот црпи инспирација од јахтата „џ – класа“ која датира од ’20 години од минатиот век и од нивниот модел, првиот, „боут теил“ од 1932. Биле потребни четири години сето тоа да се осмисли, нацрта и претвори во стварност. Автомобилот е рачно правен, на основа од некој претходен модел кој не се спомнува, од него е позајмена шасијата, основата, а се друго е ново. Отворен автомобил со четири седишта или подобро да напишеме 2 + 2, во кој задниот дел е резервиран за пикник опремата од најлуксузно ниво. Тој оддел има врати кои се отвораат како птичји крила, а под тиe врати е спомнатиот простор во кој има буквално се за одење на пикник, некаде покрај море, езеро, река или друг предел. Најважното од се е малиот оддел за сместување на посебниот шампањ кој секогаш е изладен на идеални + 6 С степени.
Матријалите од кои е направен „ролс ројс боут теил“ се најдобрите кои можат да се купат во денешно време, почнувајќи од врвно изработените дрвени делови, до тие изработените од кожа, а нема да биде чудно ако некаде прочитате дека кашмирот, конопот и свилата ги има во одделот за патниците. Сето тоа е грижливо одбрано и на крај вградено во автомобилот наменет за одење на излет, а е обликуван во духот на морепловството, односно некогашниот модел на јахта „џ – класа“. 20 милиони фунти, односно 28 милиони долари и пиете посебен шампањ „арманд де брињак“ изладен до идеални + 6 С степени. „Ролс ројс боут теил“, јахта не за езеро или море, туку за на асфалт.