REZVANI VENGEANCE-ПРЕФИНЕТ ЛУКСУЗ И ВРВНА ЗАШТИТА

08/11/2022

Работилницата Резвани лоцирана во Монтана, САД, основана од Ферис Резвани е позната по теренски возила кои повеќе наликуваат на концепти, или како да излегле од некој научнофантастичен филм. Не е само обликот во прашање туку и отпорноста на куршуми, разни видови бомби и проектили. Тоа е нешто како блиндирано возило со врвна опрема и секако луксуз на ниво не од премиум возилата, туку од тие над нив. Возилата Резвани имаат префинет луксуз и плус се блиндирани, но на ваше барање возилото може да биде и обично, неблиндирано. Разликата е само во тежината. Блиндираните возила секогаш се потешки поради дополнителните материјали кои мора да бидат вградени.

Најновата креација е наречена „венџинс“, а за изгледот не прашувајте, туку самите расудете од фотографиите. Овој пат тимот од конструктори во Резвани го позајмуваат „кадилак ескалејд“ и на негова основа го создаваат моделот „венџинс“. За возилото да добие помалку килограми, најголем дел од школката е изработен од  фиберглас. Што се однесува до заштитата, односно блиндирањето, подот од возилото е отпорен на повеќето експлозивни направи, вратите и прозорите се, исто така, блиндирани и сертифицирани според највисоките стандарди. „Резвани венџинс“ покрај блиндираните стакла кои истовремено се затемнети, има инфрацрвен уред со кој без никаков проблем може да се движи во вечерните часови, засилено подвозје, пневматици отпорни на куршуми и дополнително автоматско пумпање (ако некој се обиде да влезе во возилото ќе добие струен удар преку рачките од вратите). Одбојниците се направени од високо легиран челик, а за патниците има непробојни елеци, гас маски со кислородна поддршка, но ако побарате ќе добиете и комбинезони за заштита од боеви отрови. Насилното влегување не само што е оневозможено со пуштената струја во рачките, туку има и дополнително магнетно заклучување покрај класичното.

„Резвани венџинс“ го задвижуваат три агрегати, два ото, едниот V8, а другиот V6, но со иста работна зафатнина од 6,2 литри. Првиот е атмосферски и поседува 420 КС, а вториот има моторен компресор со кој развива 628 КС. 3,0 литарскиот дизел мотор развива 277 КС со помош на шесте цилиндри во линија, со класичниот турбо компресор (на издувни гасови) и погон на задна оска или на сите тркала преку еден автоматски менувач со 10 преноси. Ултра современата работилница Резвани е на располагање на купувачите и ги почитува нивните желби, од вградување врвен луксуз, до врвна заштитна опрема во комбинација со моќни мотори.

Заинтересираните можат веднаш да си порачаат примерок со капар од 1.500 долари, а останатото е по желба, се мисли на опремата. Врвно подготвен „резвани венџинс“ со најмоќниот мотор, ќе ве чини околу 650.000 долари.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.