КЛУБОТ „KINGS OF THE ROADS“ ИЛИ ВО ПРЕВОД „КРАЛЕВИ НА ПАТИШТАТА“ ОД ДЕЛЧЕВО, КАКО ОРГАНИЗАТОР И ГОДИНАВА, ПО ЧЕТВРТИ ПАТ, НА ЕДНО МЕСТО ГИ СОБРА КОЛЕКЦИОНЕРИТЕ НА ОЛДТАЈМЕРИ ОД БУГАРИЈА, СРБИЈА, ГРЦИЈА И ОД НАШАТА ЗЕМЈА.
Тоа саботно претпладне на 13 април 2019 година во близина на Градскиот стадион во Делчево, по долгиот пат, ме пречека убавина од стари лимузини – олдтајмери од различни марки и години на производство, зачувани или репарирани, бојосани, на кои со многу труд и љубов од новите сопственици повторно им се вратени првобитната убавина и функционалност. Голем број посетители, од сите возрасти, млади, повозрасни и деца, кои се најљубопитни, сакаат сѐ да знаат за секое возило што им е интересно, задолжително ги фотографираат, а потоа за спомен следува и селфи фотографија со олдатјемерите.
Најстаро возило на оваа ретро кар изложба беше Оpel Kapiteann од 1941 година, а имаше автомобили и од педесеттите, шеесеттите, седумдесеттите и од осумдесеттите години на минатиот век, како и многу ретки возила од марките: Buiek, Volkswagen, Olds Mobil, Saab, Opel Kapiteann, Volga, 21 Mercedes, Warshava, Vartburg, Trabant, како и неизбежната застава 101 и популарното фичо дојдени од Србија, каде што се произведуваа. Кај љубителите на мотоцикли голем интерес предизвика и стариот германски мотоцикл двоцикл од времето на Втората светска војна, зачуван до денес во Бугарија и донесен на изложбата. Организаторот Лоренцо Трајановски објаснува дека оваа четврта ретро кар изложба во Делчево со деведесетина олдтајмери е најуспешна, со учесници од Бугарија, Србија и од земјава, а годинава првпат имаше и од Грција. Тој задоволно констатира дека со тоа Делчево како град сѐ повеќе е препознатлив на картата на ретро кар собири во регионот и пошироко.
– Годинава на изложбата имаше триесетина возила од Благоевград, Софија, Велинград и од други градови од Р.Бугарија, три-четири возила застава од Србија, триесетина од Скопје, Битола, Свети Николе и од Делчево и десетина од Грција. Многу од овие стари, убави и вредни зачувани и репарирани олдтајмери првпат беа донесени во Делчево, со што се збогати изложбата и предизвикаа голем интерес кај многубројните посетителите од земјава и од странство. Веќе станавме традиционална и препознатлива ретро кар изложба и планираме идната година да ја направиме побогата и со уште поинтересни возила, најави Трајановски.
Се очекува идната година да пристигнат повеќе од сто интересни квалитетни и ретки возила – олдтајмери.
– Пред два месеца нашиот клуб „Kings of the roads“, („Кралеви на патиштата“ кој и претходно е регистриран во централниот регистар, сега се регистрираше и како колекционер, па како официјален клуб соработуваме со многу вакви ретро клубови во земјава и во странство – Бугарија, Србија, а отсега и со Грција, од каде што добивме покана и наскоро ќе учествуваме на тамошната ретро кар изложба. Инаку идејата за организирање ретро кар изложба датира од пред петнаесетина години од моите патувања во Италија, Германија и во Швајцарија, каде што има долга традиција за вакви изложби. Се воодушевив од нив и си поставив цел ваква изложба да организирам и во моето родно Делчево. Јас сум колекционер на олдтајмери, имам петнаесетина, но и понатаму ја збогатувам мојата колекција, истакна Трајановски.
Наедно тој посочи дека клубот има одлична соработка и поддршка од Општина Делчево и од неколку спонзори, а иако оваа изложба се разликува од европските ретро кар изложби, сепак, е на добро ниво, а потврда за тоа е големиот број посетители.
– Ние и понатаму ќе се надградуваме и со нивните искуства, а планираме, со поддршка од надлежните, да организираме уште поуспешни изложби и Делчево да стане центар на вакви ретро кар изложби во земјава и во регионот. Како организатори планираме идната година да оствариме соработка и со АМСМ бидејќи повеќето наши возила се регистрирани токму таму, потенцира Трајановски.
Првата награда за најстаро возило му беше доделена на возилото Opel Kapiteann од 1941 година на сопственикот Љупчо Трајковски – Словенец. Првонаградениот Љупчо Трајковски – Словенец, кој по професија е полицаец, за своето најстаро регистрирано возило во земјава вели дека можеби има и постари возила, но немаат сообраќајни документи, односно не се регистрирани, што значи дека не може да се возат.
– Автомобилот со кој го освоив првото место е Opel Kapitan со шест цилиндри – луксузен автомобил, чија фабричка боја била сива, потоа бил бојосан во сина, сега е потемна. Го купив во 2008 година од Штип, од наследниците на првите газди. Првиот сопственик што го купил од Софија бил од Штип, пилот во Кралска Србија, а загинал во Втората светска војна кога му го собориле авионот. По 1945 година автомобилот бил одземен од сопствениците и го возеле за потребите на хотелот „Москва“ во Белград до 1965 година. Потоа им бил вратен на синовите на сопственикот и во шеесеттите години во Штип бил прво такси, за што има на фотографија во Музејот во Штип. Како такси бил регистриран и се возел до 1990 година. Јас го купив во 2008 година, во многу лоша состојба, запоставен, оставен на отворено во двор, непокриен, со земја. Со многу труд на еден добар мајстор и мој со финансиски средства, успеав целосно да го репарирам и да му го вратам првобитниот сјај и убавина. Да потенцирам дека за разлика на сопствениците на олдтајмери во странство, ние тука повеќето сме обични луѓе и не сме богати, но кај нас љубовта кон старите возила е поголема и нѐ обединува. Од дете имам голема љубов кон старите возила, исто и кон мотоциклите, особено кон марката „Томос“ бидејќи сум роден во Љубљана. Исто така, собирам и имам поголема колекција од педесеттите и од шеесеттите години. Собирам и многу други старини, а најголема желба ми е како полицаец да отворам прв полициски музеј во земјава, појаснува Љупчо.
Второпласираниот Васил Филипов од Софија, Р.Бугарија, има Volga М 21, автомобилот е руски од 1967 година, а тој го поседува 21 година. – Пред 18 години сам целосно го реставрирав, секој дел го обновив, потоа целосно го грунтирав, па го однесов кај мајстор само за да го бојоса со нова боја. Имам пет волги, три М21 и две возила М 22-комби што се подолги во задниот дел. По заминувањето на рускиот претседател Брежњев народниот артист Никулин го купил автомобилот што имал поединечни бројки. Горд сум што имам две од нив. Првпат доаѓам во Делчево на ретро кар изложба, многу сум задоволен од организаторите и ветувам дека ќе доаѓам секоја година, најави Филипов.
Третото место го освои автомобилот SAAB 96 од 1976 година со жолта боја, кој предизвика голем интерес кај посетителите затоа што ретко може да се најде. Сопственост е на Драган Марковиќ од Врање, Р. Србија.
– Автомобилот е гордост на шведското производство на автомобили, реткост на овие простори и многу е интересен. Со него познатиот Ерик Красон трипати го освојуваше шампионатот во Монте Карло. Автомобилот е специфичен по тоа што има автоматски грејачи во седиштата што се вклучуваат на 17 и се исклучуваат на 24 степени, а денес ова го нема кај 95 про- центи од возилата. Редовно го одржувам и е во одлична состојба, го возам од април до ноември, зборува Драган со гордост за својот миленик на четири тркала.
Интересен беше белиот мерцедес 170 DS произведен во 1953 година, со дизел-мотор од 40 коњски сили или 29 KW. Возилото го имам 40 години, вели сопственикот Трајко Базарко од Скопје, а прв сопственик било Собранието на Социјалистичка Р.Македонија во 1953 година. Тој вели дека редовно ја регистрира и со големо задоволство ја вози оваа удобна лимузина и ја носи на ретко кар изложби.
Милен Михов од Велико Трново, Р. Бугарија, првпат е на ретро кар изложба со својот Trabant 600МС произведен во 1987 година.
– Јас сум негов прв сопственик и до денес гордо го возам 32 години. Се радувам што дојдов, се запознав и се дружев со многу колеги колекционери, разменивме искуства за автомобилите и научивме нешто ново. Кога ќе се вратам дома во Бугарија, ќе им раскажувам и на други пријатели идната година и тие да дојдат во убавото Делчево, најави Милен.
На ретро кар изложбата во Делчево Никола Манов од Велинград, Р. Бугарија, дошол со свој другар на германски двоцикл марка BMW со R-75 Wermaht, таканаречениот „Сахара“, произведен во време на Втората светска војна. Бил наменет за тешките терени со руска кал и за сахарската пустина, а за време на војната го поседувала и бугарската армија.
Евгенија Михајлова од Софија, Р.Бугарија, често доаѓа во Делчево бидејќи тука има многу пријатели. Сега дошла со пријателите за да присуствува на ретро кар изложбата. Своите импресии ќе им ги пренесе на пријателите и се надева дека идната година уште помасовно ќе дојдат на петтото ретро кар шоу во Делчево.
Ви препорачуваме да го посетите следното петто јубилејно ретро кар шоу во Делчево што ќе се одржи во април 2020 година. Организаторот најавува дека планира на едно место да се соберат уште поинтересни и ретки олдтајмери од повеќе земји и на учесниците и на посетителите да им понуди многу изненадувања и забава.