На почетокот од годинава Рено го направи најдобриот чекор во својата историја. Неговиот легендарен модел „петката“ го претстави како концепт и вели наскоро ќе влезе во сериско производство исклучиво со електричен и хибриден погон. Што всушност направи Рено. Наједноставно го преслика стариот модел кој официјално престана да се произведува во 1996 година и потоа претрпе ситни исправки, но главните линии не беа допрени, така што моделот доживеа своевиден „римејк“ – да се послужиме и ние со речникот на филмаџиите. Таков складен дизајн каде секоја линија си е на место не може и не смее да добие наследник. Таквите модели одат во легенди и единствено што може да се направи е ситниот редизајн во целосна складност со основните линии и тоа е сè.
За сета оваа операција одговорни се челниците на компанијата и дизајнерскиот оддел предводен од Жил Видал кој вели: „дизајнот на рено 5 прототип“ ја користи основата од култниот модел „рено 5“. Овој прототип едноставно ја истакнува современоста, возило соодветно на сегашново време, привлечен градски автомобил на електричен погон“.
Не е познато кога автомобилот ќе биде подготвен за сериско производство. Колку побрзо толку подобро, затоа што возачите многу го обожуваа, а да не зборуваме за неговите врвни успеси во трките. „Рено 5“ за првпат беше претставен во 1972 и се произведуваше до 1996 година. Во тој период беа произведени повеќе од 5,5 милиони примероци. Секоја чест на дамите и господата од Рено кои решија да го направат овој несекојдневен чекор со легендарниот „рено 5“. Нема да згрешиме ако потсетиме истото да го направат и со шармерот во своето време, „рено кватро“, односно популарната „четворка“. Би било уште подобро ако истото го направат Фиат и Ланча со своите модели „панда“ и „ипсилон 10“.
Жарко Атанасоски