Добро познатите стари модели кои веќе се претворија во легенди, во денешно време повторно станаа предмет на интересирање не само за љубителите на автомобилите туку и за производителите. Имавме прилика да видиме заживување на неколку модели, како на пример на легендарниот „фиат 500“, најпродаваниот електричен автомобил на континентов. Иако обновената изведба е претставена пред повеќе од една деценија, интересот за „петстотката“ сѐ уште не стивнува, туку напротив станува сѐ поголем и поголем.
Сега слично нешто се подготвува да направи Рено. Откако минатата година го најави враќањето на „петката“ во денешното семејство, поклониците на овој модел го поздравија потегот на производителот. Годинава „рено 5“ слави 50. годишнина од појавувањето на легендата, а Рено со должна почит му возвраќа со дијамантска посвета „рено 5 дијамант концепт“ во чие создавање учествувал и дизајнерот Пјер Гоналонс. Дали ова е најава на минатогодишната изјава за враќање на „петката“ во производство, допрва ќе видиме, но очигледно е дека Рено подготвува нешто. Минатогодишната официјалната изјава за враќањето на моделот „пет“ беше во пакет со современите текови, односно „петка“ исклучиво на електричен погон.
Розите на Ланча воопшто не и цветаат, а ништо подобро не е ни во дворот на Фиат. Затоа обете марки мора да ги вратат моделите „ипсилон 10“ и „панда“ (таа на Џ. Џуџаро) во современа изведба со дизајнерски решенија не помали од 98 отсто и секако со електричен погон. Легендите навистина мора повторно да влезат во производство, затоа што народот ги обожува.
Жарко Атанасоски