Рели Дакар 2021-ГОДИНИ НА ДОМИНАЦИЈА

22/02/2021

ЧУДНИ СЕ ОВИЕ ПОСЛЕДНИВЕ ДВАЕСЕТИНА ГОДИНИ ВО СВЕТСКИ НАЈПОЗНАТОТО РЕЛИ. СÈ НЕКОЈ ДОМИНИРА ВО НЕКОЈА ОД КЛАСИТЕ КАКО НА ПРИМЕР: КТМ, МИТСУБИШИ, КАМАЗ, ДУОТО МИНИ – БМВ ИЛИ ПЕЖО – ЦИТРОЕН. МНОГУ ТИТУЛИ РАСПОРЕДЕНИ ВО САМО НЕКОЛКУ ИМИЊА ОД ПРОИЗВОДИТЕЛИ, А МЕЃУ НИВ СЕ ВПЛЕТКА И ПЕТЕРХАНСЕЛ НАРЕЧЕН МИСТЕР ДАКАР.

Годинешново рели Дакар по втор пат се одржа само во Саудиска Арабија. Иако организаторот минатата година најавуваше вклучување на уште две до три држави (Египет, Јордан, Бахреин?) од Арапскиот Полуостров и пошироко, сепак тоа не се случи поради ситуацијата со вирусот.

Најбезболно, најбрзо и наједноставно беше да се побара од Саудиска Арабија уште еднаш да биде единствениот домаќин на релито. Саудијците го прифатија предлогот од организаторот, а потоа беа завршени останатите ситни работи за и околу релито. Најнапред беше донесена одлука да се намалат брзините со кои ќе се совладуваат етапите. Тоа го постигнаа со поинаку одбраните рути („патеки“), односно сега од возачите не се бараше да развиваат голема брзина, туку да дојде до израз нивната техника при совладување на теренот. Најдобро се снајдоа возачите кои располагаа со врвна техника во возењето. Безбедностa беше пресудна за организаторот. Негова цел отсекогаш била, е и ќе биде, сите учесници да се вратат дома, но авто мото спортот отсекогаш во себе криел ризик за кој натпреварувачите се повеќе од свесни.

Карванот од мотоцикли, автомобили, камиони и „експериментални“ возила кои стасаа на целта изминаа над 7.500 километри од кои речиси над 4.700 км беа специјални етапи каде се мери времето на минување. Големите имиња и овој пат не изостанаа и со право ќе нагласиме, тие дојдоа, видоа, возеа и победија.

Карванот тргна од Џеда и по 7.646 километри талкање низ пустинските предели, натпреварувачите повторно се вратија во Џеда да минат низ целта. Вкупната должина на специјалните етапи од 4.767 км најбрзо ги мина Петерхансел со совозачот Булангер, кому оваа титула му беше 14-та, шест во класата на мотоцикли и откако премина во класата на автомобилите во 1999 година, тој освои уште осум. Зачудувачки е тоа што човеков воопшто не ни помислува на повлекување, а уште помалку му текнува да седне со новинарите и да обелодени крај на неговата кариера. Најзанимливо и највпечатливо е неговото возење на ова 43-то по ред издание од релито Дакар. На три денови до крајот на релито Стефан Петерхансел победува на етапата и толку, но затоа на останатите 11 никогаш не беше под четвртото место. Откако по втората етапа го освои првото место во генералниот пласман, не го испушти до крајот. Таквото негово возење го доведе до 14 титула. Умерен, но сепак доволно брз секогаш да биде меѓу првите четворица по извозување на секоја специјална етапа.

Веднаш зад него беше Насер Ал Атијах. Тој постојано вршеше притисок на Петерхансел, но не успеа да го преземе водството. И покрај неговите шест етапни победи, сепак не успеа да стигне до највисокото место на подиумот, бидејќи доцнењата во останатите етапи беа пресудни за неговиот пласман. И големиот рели возач Карлос Саинц потклекна под темпото кое го наметна Петерхансел. Не успеа да се закити со титула, иако беше постојано при врвот, но сепак релито го заврши на подиумот како третопласиран со совозачот Круз Лукас. Постојаноста во ритамот на возењето и секако речиси тридецениското искуство го однесе Мистер Дакар до уште една победа.  Се чини Петерхансел го знае секое зрно песок, секој камен и ја знае секоја дина низ пустините на планетава. Не е мала работа да си носител не на една, не на две, ниту, пак, на три титули, туку на 14 и како капак на сè да бидеш врвен во две класи, во класата на мотоциклите и автомобилите.

Сличен резултат постигнува уште еден тим. Не е колега на претходно спомнатиот возач, но затоа се колеги со неговото возило. Возилото, поточно камионот Камаз со децении наназад им зема мерка на сите. Нема марка која учествувала на релито, а да не биде победена од Камаз. И годинава како и многу други претходно мина во знакот на Камаз и по којзнае кој пат го има подиумот само за себе, 1–2–3, само Камаз, друг никој. Да зборуваме за технологијата на руската машинерија пред која потклекнаа звучните светски имиња и тоа не само некои од тие имиња, туку сите. Ивеко се труди да направи нешто повеќе, но доминацијата на Камаз е толку голема што останатите тимови не се сигурни во себе. И да сака некој производител да учествува на релито, не му е сеедно секоја година да биде победуван од Камаз. Тоа кај конкуренцијата предизвикува страв, но и голема завидливост и фрустрации за останатите тимови, за производителите, за возачите и за нивните спонзори.

Секоја година да се надевате дека еве сега ќе победам, а всушност Камаз победува. Останатите со прстот во уста се неми набљудувачи и ништо повеќе од тоа. Врвни светски производители не можат веќе две децении да се мерат со Камаз, а не, пак, да му излезат на мегдан наречен Дакар рели. Јака, силна машинерија, квалитетна, беспрекорно конструирана која од година во година само се усовршува. Сето тоа го разбравме, но од каде толку добри возачи и сервисери? Секој камион на релито е опслужуван од три лица. Како се случува со децении Русија да има врвни возачи и сервисери кои постојано победуваат. Ако направиле врвен камион, тоа не значи дека можат да направат и врвни возачи. Но, нема да згрешиме ако кажеме дека и тие се во рангот на Мистер Дакар. Руската дружина е целосно подготвена и со орудија (камионот) и со екипажи. Нешто слично како со Камаз имаме случај во класата на мотоциклите. КТМ исто колку и Камаз, 18 пати ја освојуваше титулата, но Хонда и минатата и оваа година застана на патот до тронот и ги освои првите две места на сегашново рели. И покрај скршениот нос и болката во зглобот Кевин Бенавидес стигна прв, а втор неговиот тимски колега Рики Брабец. Сем Сандерленд со КТМ мораа да се задоволат со третото место. Чудни се овие години, односно овие две децении во релито Дакар. Во секоја класа имаме доминантен претставник. Едно време Митсубиши (12 титули) не можеа да го симнат од тронот, а сега тоа е Мини. Јапонскиот производител Митсубиши сè уште води по бројот на етапни победи, 161, а далеку зад него на второто место е Пежо со 78, а потоа следат Цитроен и Фолксваген со по 59 победи. Во класата на мотоцикли КМТ води со 225, Јамаха е втора со 140 и трета е Хонда со 91 победа. Кај камионите Камаз води со 165, а Јамаха е прва во класата на квадрициклите со 138 етапни победи.

Во класата на квадрициклите М. Андухар е прв, Г. Енрико втор и трет П. Копети, додека класата на лесни (ссв) возила на поиумот беше во следниов состав, Ф. Лопез Контардо, А. Џонс и А. Домжала.

И за крај да го спомнеме подиумот наречен Камаз–Дмитриј Сотников, Руслан Ахмадеев и Илгиз Ахматзјанов, стартен број 507 прво место, Антон Шибалов, Дмитриј Никитин и Иван Татаринов, стартен број 501 второ место и трето место за Ајрат Мардеев, Дмитриј Свистунов и Ахмет Галиаутдинов со стартен број 509.

Како што тргнале нештата да се одвиваат во овој дел од автомобилскиот спорт, многу веројатно е и наредната година да се вози релито на исто место, но на територија од уште неколку држави. Но засега, за жал, ништо не е познато за следното издание од релито Дакар.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.