РАДИКАЛНИОТ, ЦЕЛОСНО ОТВОРЕН MERCEDES-AMG PURESPEED, „ПРШТИ“ ОД МОЌ И УДИРА БРУТАЛНО, НУДЕЈЌИ, БЕСНИ ПЕРФОРМАНСИ, ЕДИНСТВЕНО ВОЗАЧКО ДОЖИВУВАЊЕ КОЕ Е НА ГРАНИЦАТА МЕЃУ ЗАБАВА И ЖЕЛБА ЗА ДИВЕЕЊЕ.
Почисто доживување на брзината, од кога сме на отворено, директно изложени на природните сили, не може да има. Тоа многу добро го знаат чудотворците од одгледувачницата на змееви од Афалтербах. Ним им се обраќа Mercedes секогаш кога сака да создаде нешто посебно. Има и зошто. Инженерите на AMG се вистински чудотворци кои успеваат доброто да го направат извонредно, а посебното да го претворат во магично. Во овие зборови без двојби се пронаоѓа и PureSpeed. Спидстер во вистинска смисла на зборот. Создаден од тркачи, а наменет за ентузијасти.
Приказната почнува од намерата на Mercedes да создаде нова линија модели под името Mythos. Серијата Mythos ќе вклучува лимитирани серии од специјални едиции кои треба да одушевуваат со својот уникатен концепт, впечатлив дизајн и брутални перформанси. Идејата оди на обработка кај специјалистите од AMG со краен резултат кој соборува од нога и мами воздишки.
ПРВЕНЕЦ НА СЕРИЈАТА MYTHOS
Mercedes-AMG PureSpeed, првенец на серијата Mythos, доаѓа како круна со која се слави долгата традиција на Mercedes врзана со светот на мотоспортот. PureSpeed им оддава признание на легендарните тркачки автомобили на производителот од Штудгарт. Посебно на извонредниот 300 SLR, со кого, великанот меѓу тркачите Сер Стирлинг Мос и Денис Џенкинсон во 1955 година победија на легендарната трка Миле Милја, или, 1.000 милји, која се возела низ Италија. Во чест на Сер Стирлинг Мос, во 2009 година, Mercedes и McLaren го создадоа спидстерот Mercedes-Benz McLaren SLR Stirling Moss. Ретка ѕверка изработена во само 75 примероци. Денес призвукот на минатото доаѓа во форма на PureSpeed. Отворениот кокпит, двете грпки зад седиштата и ниската силуета се дел од заедничките елементи на 300 SLR, McLaren SLR и PureSpeed.
Врска со традицијата има и ексклузивниот начин на комбинирање на боите чија нијанса од Ле Ман црвена преоѓа во графит сива украсена со препознатливиот црн симбол на AMG. Причината за овој избор на нијанси се сокрива во длабочините на рамно еден век. Боите оддаваат признание на тркачот на Mercedes кој победил на трката Тарга Флорио на Сицилија пред точно 100 години. Во тоа време црвената боја традиционално ја носеле италијанските тркачки автомобили, додека германските биле препознатливи по белата боја. Но, Mercedes намерно се одлучил за црвена за да се спаси од опструкциите кои ги правеле италијанските навивачи наредени долж рутата. Планот успеал и Mercedes со број 10 победил. Затоа и спортскиот пакет на PureSpeed го носи бројот 10 на предно крило.
СПИДСТЕР СО УНИКАТНА ЗАШТИТА
PureSpeed е изграден врз спортската платформата на AMG, но носи дополнителни зајакнувања за да се постигне максимална цврстина, која пак, е основа за прецизна возна динамика. Со паметно комбинирање на материјали како алуминиум, магнезиум, карбон-фибер и легиран челик инженерите успеале значително да ја намалат тежината.
Елементот што го прави PureSpeed посебен е долгиот лак раширен преку кабината. Неговата функција е слична на онаа на HALO заштитата во болидите на Формула 1. Лакот ги штити патниците при незгода, но и дополнително обезбедува крутост на шасијата. Воедно личи фантастично одвојувајќи го PureSpeed од сè останато на четири тркала што се движи по улица.
Во отворениот кокпит возачот и совозачот се целосно изложени на природните сили. Два мали дефлектори одвоени со централниот лак го пренасочуваат воздухот над нивните глави, но само при брзини дозволени за во град. За сè што е побрзо од тоа потребни се кациги. И нив ги обезбедува AMG. Имаат интерком кој дозволува меѓусебен разговор, врска со мултимедијалниот систем и мобилниот телефон. Врвните слушалки во кацигите го пренесуваат и звукот од 3D сараунд системот на аудио специјалистот Burmester. Моќните 1.170 вати преку 15 звучници распоредени низ кабината овозможуваат единствено звучно доживување слично како во концертен амфитеатар на отворено.
ЗА ПОЛН ЗВУЧЕН ЕФЕКТ
Иако моќно, аудиото на PureSpeed паѓа во сенка кога ќе збревта навиениот од AMG 4.0 литарски V8 битурбо. Неговиот сонорен и продорен рик се чувствува уште подиректно во отворениот PureSpeed. Специфичниот рик на V8 моторите на AMG, кој може да се нарече легендарен, ги дразни сетилата и мами да се вози во степен пониско, и во повисоки вртежи. Познатиот 4.0 V8 битурбо создаден од инженерите на AMG беснее во низа спортски модели на Mercedes-AMG, а за во PureSpeed е навиен да испорачува 585 КС и 800 Nm, доволно за лов на 100 km/h во 3,6 секунди и максимални 315 km/h.
Секако постојат и побрзи автомобили, но кај PureSpeed не е сè во брзината, туку во начинот на кој таа се доживува. Отворениот кокпит, покрај директната изложеност на природните сили и на продорниот рик на моторот, создава уникатно возачко доживување, во кое, токму заради изложеноста, брзината се чувствува субјективно повисока од објективната.
ВОЗЕЊЕ КАКО ВО КАРТИНГ
Би било грев доколку возната динамика на PureSpeed не содејствува со неговиот концепт. Затоа инженерите се погрижиле возачкото доживување да биде рамно на она како во картинг. Моќноста преку автоматикот AMG Speedshift 9G се пренесува до сите тркала преку активниот систем 4MATIC+. Менувачот место хидрауличен претворач на вртежниот момент користи спојка потопена во масло. Овој концепт значително ја намалува тежината и го подобрува, односно забрзува, одзивот на педалот за гас.
Активниот погон на четири тркала варијабилно го дели вртежниот момент меѓу предна и задна оска обезбедувајќи оптимална тракција и висока стабилност зависно од ситуацијата и условите на пат. Тука помага и активната суспензија и активната задна оска. Таа ги врти задните тркала спротивно од предните при брзини до 100 km/h, или во иста насока при брзини над 100 km/h. Во првиот случај се добива на агилност во остри бавни свијоци, а во вториот се добива на стабилност во долги брзи свијоци. Воедно управувањето се чувствува подиректно, а одзивот на волан е брз како мисла.
ЕКСКЛУЗИВНОСТ ВО КАБИНАТА
Иако целосно отворениот концепт на PureSpeed делува пуритански, кокпитот е далеку од пуританство. Напротив. Ексклузивното уредување на кабината кое е својствено за AMG се повторува и кај PureSpeed. Кабината е двобојна со мешавина на кристално бела и црна боја на кожа со која се обложени и спортските седишта AMG Performance со вградено греење. Кабината е украсена со елементи од лакиран карбон-фибер, а како ултимативен украс на врвот од арматурата лебди аналогниот часовник на врвниот специјалист IWC Schaffhausen.
За да се сочува ексклузивноста, PureSpeed ќе биде произведен во лимитирана серијата од 250 примероци. Иако цената сè уште не се објавува, треба да се очекува ова чудо да врти во близина на 300.000 европски банкноти. Списокот за нарачки се пополнува, па во колку некој има интерес не е на одмет да побрза.