СОСЕМА РАЗЛИЧЕН ОД МОДЕРНИОТ ТУРБО И ЕЛЕКТРИФИЦИРАН СВЕТ НА СУПЕР АВТОМОБИЛИТЕ, BRABHAM СО МОДЕЛОТ BT62 ГО СОПИРА ВРЕМЕТО ВО ПРОСТОРОТ КОГА НА ТРКАЧКИТЕ ПАТЕКИ ВЛАДЕЕА ГОЛЕМИТЕ V8 АТМОСФЕРСКИ АГРЕГАТИ ПОЛНИ СО СИРОВА МОЌ.
MОДЕРНА ТЕХНОЛОГИЈА И МНОГУ НОСТАЛГИЈА
Компанијата „Brabham Automotive“ го конструира и дизајнира моделот BT62 да бара повеќе од својот возач. Тоа е автомобил за оние кои сакаат да се соочат со предизвик и да се наметнат, да го доживеат возењето во најчиста возачка форма, kористејќи ги современите материјали, процеси и технологии. Моделот Brabham BT62 е автомобил со централно поставен агрегат кој својата моќ ја испраќа до задните тркала преку пренос и секвенцијален 6 степен менувач со тркачки спецификации. Со сува тежина од само 972 килограми, возилото е неверојатно лесно и може да се пофали со сооднос помеѓу моќ и тежина од 730 КС/тон. Моќта доаѓа од агрегат кој е развиен самостојно од компанијата Brabham. Истиот располага со зафатнина од 5,4 литари и е во V8 конфигурација. Моторот произведува 700 КС што се испорачуваат при 7.400 врт/мин и 667 Нм влечна сила достапна во целост на 6.200 врт/мин. Со своите максимално оптимизирани перформанси, каросерија со агресивно аеродинамично пакување, Brabham BT62 испорачува над 1.200 кг. потисна сила (downforce) при брзина од 200 км/ч, која е од особено значење на натпреварувачките патеки. За дополнителна заштеда на тежина и врвни перформанси додадени се сопирачки направени од јаглеродни влакна со 6 клипови поставени на сите четири страни од автомобилот чиј дијаметар изнесува 380 мм напред и 355 мм назад, на сопирачките им е потребна почетна работна температура од 450 степени, речиси исто како системот кој се користи во формула 1 болидите.
ВРЕДНОСТИ ЗА ПАМЕТЕЊЕ
Brabham Automotive го разви BT62 како ексклузивен тркач во лимитиран број на примероци, ограничен на 70 автомобили и поделен во две посебни едиции. Серијалот „Celebration“ е ексклузивно издание од само 35 уникатни автомобили. Секој оддава почит на една од 35-те победи на гран-при трките што ги оствари екипата на Brabham во периодот кога за тимот настапуваа најпознатите светски автомобилски асови на модерната Формула 1. Секој автомобил ќе биде дистрибуиран и претставен за да ја испочитува специфичната трка, украсен во боите и со бројот на победничкиот автомобил. Следна е серијата „Signature“ која е, исто така, ограничена на само 35 автомобили. Во овој случај компанијата им овозможува на новите сопствениците на BT62 да доживеат неповторливо искуство и во соработка со тимот за дизајн на Brabham Automotive да конфигурираат уникатен и индивидуален автомобил што прикажува кој било друг момент од извонредната историја на тркачкиот тим на Brabham или да создадат автомобил што го носи нивниот личен белег. Со овој потег се гарантира дека секој произведен модел BT62 ќе биде единствен од својот вид, прикажувајќи ја визијата на сопственикот. Системите што се користат во овој ексклузивен тркач се развиени користејќи технологија за подобрување на искуството на возачот, наспроти автоматското контролирање со што е огранична вклученоста на возачот на минимум. На овој начин лицето за управувачот игра далеку поголема улога во контролата на возилото и има подобро чувство за тоа како се однесува истото. Поврзаноста помеѓу автомобилот и возачот е на далеку повисоко ниво отколку кога тие функции би ги управувала електрониката наместо возачот, со што се додава уште еден чист и уникатен елемент на искуството.
СПАРТАНСКО ИСКУСТВОТО
Кабината, на работното место го дочекува возачот без непотребни, луксузни елементи. Внатрешноста е должна да го обезбеди минималниот комфор и максималната безбедност за возачот. Како најважни елементи се појавуваат заштитниот кафез и останатите компоненти кои се сертифицирани од страна на FIA со што се исполнуваат условите за учество во натпреварите. Инструмент панелот е составен од единствен 12 инчен дисплеј кој може да се конфигурира според потребите на возачот и на него се добиваат сите информации за состојбата на автомобилот, поставките и постигнувањата на патеката. Возачот седи во специјално подговено седиште кое одговара на мотоспорт правилниците. На управувачот се сместени мултифункционални прекинувачи со кои се командуваат сите поставки окoлу автомобилот, со што возачот би имал целосна контрола на ситуацијата за време на трката. Спартанскиот, натпреварувачки ентериер не значи дека материјалите кои се користени се со понизок квалитет, за изработка на ентериерот се користени висококвалитетни материјали како карбон, алкантара и алуминиум.
Рачната изработка и индивидуалните желби бараат многу време, затоа по две години од своето деби првиот примерок пристигна до сопственикот на почетокот од месец мај оваа година по цена од 1 милион фунти на кои треба да се додаде и данокот. Доколку може да си го дозволите ВТ62 и наместо на тркачка патека сакате да го користите во секојдневниот сообраќај, компанијата нуди модификација која дополнително чини 150.000 фунти.