ПОМИНАА ДВЕ СЕЗОНИ ОД ДЕБИТО НА МАКЕДОНСКИОТ ВОЗАЧ ВО СВЕТОТ НА ТРКИТЕ СО СУПЕР СПОРТСКИ АВТОМОБИЛИ, А ГОДИНАВА ЌЕ ДОБИЕ НОВО ВОЗИЛО ПОРШЕ 992 ГТ3
Бранот на новитети пред секоја сезона е веќе тренд во секој аспект на авто мото спортовите, па не ја заобиколи ниту серијата Порше Карера Куп, во чие италијанско издание настапува македонскиот возач Рико Вуков.
Рико веќе две години собира искуство во ГТ трките, а минатата година во интервју за АМСМ КЛУБ МОБИЛИТИ најави дека сонува да биде првиот Македонец што ќе настапи на познатата трка „24 часа Ле Ман“. Тој е единствениот македонски возач кој има на располагање првокласно спортско возило со заден погон, какви што се користат во многу други брзински шампионати, како што се трките на издржливост и Формула 1. Вредноста на новото возило кое тимот „ЏДЛ Рејсинг“ го набави за новата сезона е 258 илјади евра, во текот на годината ќе биде одржувано и опремувано за трките од новата сезона во Порше Карера Куп Италија.
Сопственикот на „ЏДЛ Рејсинг“ е поранешниот возач, Џанлука ди Лоренци, кој во пресрет на новата сезона лиферуваше соопштение до медиумите во кое се огласи со свое мислење за минатата сезона.
Би рекол дека беше добра, гледано генерално. Тој е единствениот возач што настапува во Карера Куп Италија, а не тестира како неговите ривали. Едноставно, неговите противници се многу поискусни. Ако јас се прашувам, резултатите во трката беа исклучително добри, а тоа се виде и на патеката Франчакорта, за време на Фестивалот Порше. Таму и неговите противници имаа исто познавање на таа нова патека, па тој за малку не успеа да се најде на подиумот. Единствено грешките во квалификациите беа пресудни што тој стартуваше од назад. Но тој викенд ја одушеви публиката бидејќи беше единствениот возач кој направи толку многу престигнувања на патеката наречена „малечкото Монте Карло“. За 2022 година, мојата визија е добра, имаме ново возило, несекојдневното Порше 992, кое сега сите возачи ќе го возат без АБС системот. Едноставно, сите пилоти ќе бидат на исто ниво. Вуков мора да ги направи неопходните тестирања и да инвестира одреден буџет во таа насока. Ако дојдете на патеката подготвен, со 90% завршена работа во тренинзите, тогаш викендот ќе го посветите на својот фокус за возењето, порача тимскиот шеф.
Побаравме изјава и од Вуков, кој за разлика од неговите противници, во Македонија нема услови да тренира со возилото, а првите тестови со новиот автомобил ќе ги има напролет.
Џанлука е сосема во право дека ми се потребни повеќе тестирања, повеќето од моите колеги „спијат“ по автодромите во Италија и немаат прекин од шест месеци како јас. Но, овој пат сите ќе имаме нови возила, ќе треба да се приспособиме на нив, на новиот начин на сопирање. Затоа, очекувам да бидам за нијанса поконкурентен, но човек едноствано никогаш не знае што носи иднината. Така лани очекував да ми биде полесно отколку во првата сезона, но се случи наместо по 20 возачи да има по 35 возачи во трка и работата тргна во погрешна насока. Ова се куп натпреварувања, сите возат со исто возило, па времето поминато во тестирање е исклучително важно кога се бориш за секоја стотинка поради големата изедначеност на сите автомобили. Се одлучив да не го менувам првенството, бидејќи време е да го подигнам сопственото ниво на овие патеки што ги знам. Во 2022 година, сите ќе го учиме возилото кое најмногу ќе се разликува по фактот дека ќе нема АБС, а всушност генерира посилен воздушен потисок и поради тоа е за нијанса побавно на правците, иако има преку 500 коњски сили. Затоа не сакав да одам некаде што не ги знам патеките и тимот. Тука треба да поработам на себе и ако успееме да го подигнеме нивото, сигурно ќе имаме подобри резултати. Врзано за подготовките, Вуков откри уште еден куриозитет што ќе даде свој печат за оваа сезона.
Од тимот ми понудија да тестирам со болид на Формула 4. Јас одамна не сонувам за кариера во тој сегмент од авто спортот, но ќе имам можност да видам како се доживува една патека на два различни начина кога се вози со Порше наспроти со болид на Формула 4. Ценам дека тоа ќе биде добро за да се истенчат возачките чувства. ГТ возилата според своите перформанси се помоќни, со околу 500 коњски сили, но сепак болидите се уникатни како школо за возење спортски автомобил. Мојата цел е позната да продолжам во повисоките класи од ГТ трките каде што возилата имаат исклучиво заден погон, како што е Порше Суперкуп кој се вози пред трките на Формула 1, или трките на издржливост од типот „24 часа Ле Ман“. Попатно, сите искуства ги сметам за добредојдени до конечно остварување на тие соништа.