Можеби сето ова ви изгледа не малку туку малку повеќе чудно, неверојатно и истовремено налудничаво, Порше да прави комбе. Порше не се разликува многу од останатите производители, само што е еден од тие што се определил да прави исклучиво спортски автомобили. До пред неколку години беше така, но од купе спортски автомобили потоа работата се заврте и на купе лимузина со пет врати, моделот „панамера“, а тука некаде Порше доби и „сув“ или нешто како теренско возило, „каенот“.
Спомнатите два модели малку отскокнуваат од филозофијата на Порше, но по втор пат отскокнаа кога производителот во нив внесе дизел мотори. Лимузина и дизел мотор и плус „сув“ возило со дизел мотор со име Порше.
Комбето што го спомнавме на почетокот од текстов носи име „рендиенст“ и всушност е само концепт. Бидејќи Порше постојано е присутен на трките, во еден период тимот употребувал комбе посебно направено од Фолксваген, да им се најде за сè нешто, за алат, за делови, за носење храна итн. Тоа старо комбе им било инспирација на денешните конструктори да направат концепт комбе, нарекувајќи го „порше рендиенст“.
И како што бидуваат работите во денешно време, внатрешноста на електричното возило е целосно модуларна – просторот внатре може да биде искористен за речиси секаква намена. Порше засега не произведува комбиња, но докажа дека може со концептот „рендиенст“. Конструкторите и дизајнерите нашле малку време да направат и нешто друго освен спортски автомобили, како на пример комбе.
Жарко Атанасоски