Во 2015 година престана да се произведува „918 спајдер“, а речиси во исто време хибридот „919“ победуваше на трката 24 часа Леман. Неколку години потоа се појави концептот „вижн 920“ во 2019, но Порше и натаму нема ништо конкретно како одговор за нападите од конкуренцијата со хипер брзи модели. Да не се сомневаме во способностите на Порше, но иако има одлична основа за развој на хипер автомобил, сепак овој производител сè уште молчи и својата стратегија ја концентрира најмногу во сериските и останатите автомобили, тие наменети за трки, но никако не влегува во виорот на пребрзите автомобили. Ерата на електрифицираните автомобили е во полн налет, но технологијата сè уште не е до таа мера усовршена за конструирање автомобили со супер силина и брзина. Така од прилика мисли Порше, сега за сега, а како ќе биде утре ќе видиме.
Годините 1970 и 1971 беше трофејна за Порше на легендарната трка 24 часа Леман. Возилото со кое победи беше претставено во Женева во 1969 попознато под името „917“. И сега имаме јубилеј, 50 години од појавувањето на победоносецот „917“. По тој повод Порше во својот музеј подготвува посебна вечер на која е претставен концепт, еден вид редизајн на легендарниот тркач, исто така, наречен „917“. Концептот е идентичен на легендарниот по својот облик и боите, односно сè е исто, дури го има и стартниот број 23, само што сега дизајнот е далеку посовремен. И покрај сите елементи и многу добра основа (шасија), познатиот производител сè уште молчи, ги крие своите адути и нема најава за претставување на хипер автомобил.
Во меѓувреме Порше експериментира со супер батерија која има силиконски електроди, потоа соработува со филмаџиите и глумците – Киано Ривс е тој кој вози „тајкан“, забрзано работи на неутрализирање на јаглеродниот диоксид во своите мотори итн, а никој не знае кога и каде ќе се појави хипер моделот.
Жарко Атанасоски