PORSCHE 911 GT3-НОВА „ТРОЈКА“ ВО ГРАН ТУРИЗМО ИЗВЕДБА

28/02/2021

Порше и неговиот нов 911, но овој пат со придавката „гт 3“. Тоа од прилика кажува „најбрз сум во семејството“ и тоа е вистина, но сè додека не се појави (ако воопшто се појави) подмоделот „рс“. Поголем и помоќен од претходниот „гт 3“, но и потежок за само 5,0 килограми. Тука многу помогнале карбонските влакна – многу делови се изработени токму од нив. Автомобилот би бил уште полесен ако наместо секвенцијалниот „пдк“ одберете обичен менувач кој содржи шест преноси затоа што е побрз при мерење на крајната брзина – 319  и 321 км/ч во корист на обичниот менувач.

„Порше 911 гт 3“ е правен на платформата наречена „ммб“ (модуларна со централно сместен мотор). Оваа платформа е поширока. Така што трагот на предните и задните тркала е поширок со што е подобрен впечатокот при совладувањето на свиоците. При конструирањето неколку работи се позајмени од моделот „911 рср“, како на пример аеродинамиката. Незамисливо е во денешно време аеродинамиката да биде во втор план при создавање спортски автомобил, посебно тие што имаат предзнак „хипер“. Преголеми брзини и забрзувања, така што аеродинамиката е од суштинско значење за автомбилот. 510 КС на „порше 911 гт 3“ не се малку и затоа оваа „911-ка“ ќе ја рангираме во таа хипер класа. Тие се „извадени“ од атмосферски 4,0 литарски боксер со шест цилиндри при фантастични 9.000 врт/мин. Сега на автомобилот му се потребни само 3,4 секунди до 100 км/ч со напомена дека се постигнати со „пдк“ менувачот. Покрај многуте измени, вредно за спомнување е следново – Порше за првпат во 58 годишната историја на моделот 911, поинаку ги обеси тркалата на предната оска, со двојна „Y“ суспензија. Сите претходни генерации од 911 имаат „псевдо мекферсон“.

И како што е обичајот кога Порше претставува нова „гран туризмо тројка“, истата веднаш ја носи на патеката Нирбургринг („натурлих мит нордшлаифе“). Новиот модел таму постигнал време од 6:59,927, што е за 17 секунди побрзо од претходниот модел. Сепак, производителот ги нагласува новите пневматици (мишелин пилот спорт куп 2 р“) како главна причина за далеку подоброто време.

„Порше 911 гт 3“ е наменет за тие што сакаат и умеат да управуваат со автомобил подготвен за трка. Да не заборавиме да кажеме дека подготовката на автомобилот е правена од одделот „Порше Моторспорт“. Тие што сакаат професионално да се бават со тркање, „порше 911 гт 3“ е идеален автомобил да послужи како отскочна даска. И откако ќе ја совладаат „ гт тројката“, за нив Порше подготвува нешто посебно, а тоа е наставката „рс“, а може и „рср“. Продажбата започнува во мај, тие што мислат да бидат сопственици, можат веднаш да му се обратат на производителот.

Што значи тоа „гт 3“? Класата „гт 3“ беше промовирана од ФИА (Светска Автомобилска Федерација) и секој производител што ќе ги задоволи правилата, може да стави ознака „гт 3“ на автомбилот. Затоа велиме „порше 911 гт 3“ е автомобил наменет за трки, може веднаш да оди на тркачка патека и да се натпреварува.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.