Порше, во далечната 1968 година, го претстави модел со ознаката „т“ што во неговиот јазик значи „туринг“. Овој подмодел се одликуваше со дополнително олеснување за разлика од „обичниот“. Требаше да поминат точно 50 години за Порше да се сети на овој подмодел и повторно да го врати во „игра“. Тоа се случи во 2018 год. и повторно во денешно време.
Што носи подмоделот„карера т“? Покрај олеснувањето за повеќе од 50 килограми, има пониска шасија за цели 17,5 мм, потенки стакла, без задни седишта, но на ваше барање ќе ги вградат без дополнителен трошок, потоа обичниот седум степен менувач повторно се вградува и со него забрзувањето од 0 до 100 км/ч изнесува 4,3 сек. додека со осумстепениот автоматски времето е покусо за 0,5 секунди и изнесува 3,8. За автоматскиот менувач Порше не наплатува, остава на купувачот да бира без доплата. Инаку тие менувачи ја пренесуваат силината до задната оска, а таму кај Порше сѐ е назад и мотор и погон. Шест цилиндричниот боксер мотор со зафатнина од 3,0 литри развива 379 КС распределени на 1.476 кг.
Имајте на ум дека автоматскиот менувач тежи најмалку два пати повеќе од обичниот, затоа добро размислете пред да одберете. Со таа силина „порше 911 карера т“ постигнува крајни 291 км/ч, така вели производителот. И секако во денешно време ниту еден автомобил не е без електронските помагала за стабилност. Тие исти досетки кои се од клучна важност за безбедноста при возењето ги има и во „порше 911 карера т“ и не е потребно да ги набројуваме.
Порше нуди 21 инчни тркала и четири основни бои, но и шест посебни. Ако овие 10 бои не се во комбинација за одбирање, тогаш купувачот може да си нарача од понудата на Порше составена од 110 вонсериски бои и се разбира, сето тоа ќе чини дополнителни средства. Како што вели производителот „911 карера т“ е автомобил кој возењето го прави да биде повеќе од задоволство.