СВЕТОТ СÈ ПОВЕЌЕ ЈА ПОЧИТУВА ЕКОЛОГИЈАТА И СЕ ПРОИЗВЕДУВААТ ПЛОВИЛА НА ЕЛЕКТРИЧЕН ПОГОН, НАПОЈУВАНИ ИСКЛУЧИТЕЛНО СО ФОТОВОЛТАИЧНИ ПАНЕЛИ. ТОА КАКО ДА Е СОЗДАДЕНО ЗА ПЛОВЕЊЕ ПО НАШИВЕ ЕЗЕРА
Пловилата што како погон користат класични мотори, ото и дизел, се едни од многуте загадувачи на планетава и факт е дека ја загадуваат животната средина. Издувните гасови од моторите ги загадуваат и водата и воздухот, а честопати се случува и истекување на гориво, што дополнително го загадува водниот екосистем. Но постои уште едно загадување што ретко се споменува – бучавата.
Погонските единици создаваат бучава при работењето што го вознемирува водниот свет, но и ги нарушува мирот и тишината надвор од водата. Крстосувањата се големо задоволство, но бучавата од моторот го прави пловењето малку непријатно.
Една работилница со седиште во Сингапур, формирана во 2012 година, се занимава со производство на пловила со мала и средна големина со електрични погонски единици, а горивото за нив доаѓа од сонцето. Особено внимание привлекува еден од нивните модели поради добрите резултати при пловењето. Во денешните современи пловила конструкторите најмногу внимание ù посветуваат на аеродинамиката, под вода и над неа, важна е нивната стабилност кога ја „сечат“ водата, да располагаат со врвна електронска технологија, односно апарати (радари) за пловидба. На сето ова производителот „Азура Марине“ ја надоврза традицијата, односно конструкторите внесоа дел од локалниот живот. Толку едноставниот, а сепак многу употреблив и практичен рибарски кану џукунг е појдовна точка за развој на пловилото именувано како „азура акванима 40“, долго 12 метри. Беспрекорно е изработен делот што постојано е во вода, како и делот за патниците што, пред сè, е економичен, од материјали што лесно се одржуваат и имаат мала тежина. „Азура акванима 40“ не е луксузно опремена, тоа е јахта на соларен погон што, пред сè, е наменета за зачувување на животната средина и за уживање во тивка пловидба. При првото тестирање „азура акванима 40“ мина 2.000 км низ Индонезискиот Архипелаг без да потроши и капка бензин или нафта. Пловилото располага со четири кабини и оддел за двочлен екипаж, фотоволтаичните панели зафаќаат 56 м2 што наедно служат и за собирање на дождовница (500 + 250 л). И основачите на работилницата „Азура Марине“ биле изненадени од тоа колку малку енергија ù е потребно на јахтата за пловење. Постигнува крајна брзина од речиси девет јазли, а рационалната брзина на крстосување е над 4,5 и под 5,0 јазли. Во тој режим на пловење двете погонски единици трошат само 2,0 kWh електрична енергија. Фотоволтаичните панели произведуваат 8,1 kWh електрична енергија. Тоа значи дека батеријата од 60 kWh секогаш е полна 100 отсто. Јахтата е тешка 10 тони. На пример, да се плови 12 часа по Охридско Езеро ќе се потрошат околу 25 kWh или околу 200 денари што не се плаќаат бидејќи струјата се добива од фотоволтаици. Катамаран јахтата „азура акванима 40“, со опрема за навигација на големи морски и океански пространства, чини само 495.000 евра.