Новава година донесе и една сосема нова марка чија главна дејност е производство на автомобили. Новопечената марка доаѓа од земјата на чоколадото, часовниците, од земјата каде умеат со парите и златото, а нејзиното име е Пикасо.
Првиот модел именуван како „пс 01“, е малку повеќе од само друмски автомобил, а зошто е тоа така, следи образложение. Класика од купе, тежина од само 900 кг, односно за постигнување на таква тежина задолжително е да се употребат карбонските влакна заедно со нивните соединенија со видоизменети хемиски формули. Првичните извештаи откриваат многу малку за супер (хипер) автомобилот. Тоа е така затоа што производителот сè уште мудро ги крие деталите, ќе откриваат еден по еден детаљ, а ние новинарите ќе пишуваме за секој од нив. Класичен пример како нешто се рекламира во светски рамки, но за без пари. Велат погонската единица е V6 со двоен турбо компресор позајмена од некоја од тие поопасните италијански работилници. Околу 900 кг тежина и 600 КС, односно 1,5 коњски сили на еден килограм тежина. Ова е еднакво на болид во друмско пакување.
Којзнае каква скулптура од чоколадо подготвуваат „швајцарските мајстори“ од Пикасо Аутомотив, но едно е сигурно, нема да биде полнето со бадеми, лешници, фстаци или нешто слично, туку со „олинс“ амортизери, „карбо брејк“ сопирачки систем, со менувачка кутија од „садев“ и со што уште нè.
Производителот Пикасо Аутомотив со седиште во Лугано, крие многу крупни нешта, а за детали и да не зборуваме, за нив речиси ништо не се знае. Во вакви случаи треба да се биде на штрек и будно да се пратат збиднувањата таму каде чоколадото, парите, златото и часовниците се на прво место. Ова е втор пат автомобилската индустрија да го користи името Пикасо. Првиот пат како модел на Цитроен, а сега како марка.
Жарко Атанасоски