Апетитите на Пежо, но и на останатите како него да имаат свој пикап во програмата, дојдоа малку подоцна. Многу од производителите имаат возило со дел наменет за патници и дел наменет за превоз на товар, но не и Пежо, барем не досега. Само Пежо знае зошто чекаше толку долго време за да конструира ваков тип возило. Присуството на Пежо во Кина е поткрепено со тамошната компанија „Чанган“ со која заедно го развиваа пикапот. Тоа возило за првпат излезе од погоните годинава со име и заштитен знак на Чанган Аутомобиле, „чанган каицене к 70“. Сега истата таа шасија ја употреби и Пежо за лансирање на исто такво возило под свое име „пежо лендтрак“.
Пежоовиот пикап, според првичното планирање, е наменето за Јужна Америка и сахарскиот дел од Африка, но тоа не значи дека истото нема да стаса и на останатите континенти и држави. Сепак сето тоа ќе зависи од плановите на Пежо и интересот и побарувачката за таквите возила. Според тоа што нуди возилото, тука нема промашување, пикап возилата отсекогаш биле и ќе бидат барани од купувачите.
Во „пежо лендтрак“ ќе се вградуваат две турбо дизел погонски единици, едната со зафатнина од 1,9 литри со 150 КС, а другата е поголема по зафатнина, 2,3 литри, со 286 КС. Основниот модел има погон само на задната оска, но има и со погон на двете оски или погон на сите тркала. Еден голем плус за конструкторите е тоа што возилото има простор за сместување на шест возрасни лица – три напред и три назад. Вакво, рационално возило со погон на сите тркала плус класичен товарен отворен простор е вистинско возило за работа и секојдневна употреба. Дали „пежо лендтрак“ ќе се вози насекаде, вклучувајќи ја и нашава земја, останува да видиме.
Жарко Атанасоски