Откако класиката на саемските манифестации почнаа да прават паузи, а производителите да го откажуваат присуството, споредните манифестации кога се во прашање автомобилите, добија на тежина. На пример во Лас Вегас со децении наназад беа прикажувани автомобили, но нивната бројка драстично се зголеми во последниве 15-тина години. Таму електрониката го води орото, а денешните автомобили најмногу ги краси токму таа електроника. Затоа производителите во Лас Вегас најдоа плодна почва за изложување на новитетите. Пежо е еден од нив со концептот целосно електрифицираниот „инсепшн“, за кој дизајнерот Матијас Хосан вели дека ќе служи како појдовна точка за вградување на неговите нови технологии во автомобилите од 2025 година, но не нагласува минување на концептот „инсепшн“ во сериско производство. Тоа значи уште еден концепт кој ќе фаќа прашина во некој музеј.
Интересно е што најновиов концепт е во тесна дизајнерска линија со концепите „е – леџенд“, „ексалт“ (посебно профилот и задниот дел) и „инстинкт“ (исто така, задниот дел). Од сите овие концепти досега се влечени само некои дизајнерски решенија. Најблиску до сериско производство мислевме дека е „е – леџенд“ (наследникот на преубавиот „504 купе“), но ни од него не излезе ништо.
Нема да ги анализираме електричните способности на „инсепшн“, тоа им го оставаме на конструкторите, туку го поставуваме прашањето зошто концептот „е – леџенд“ односно неговата поагресивна изведба „инсепшн“ не се става на списокот за сериско производство. Од засега необјасниви причини Пежо не сака да има супериорно купе кое ќе ги засени тие од конкуренцијата. Да потсетиме, „пежо инсепшн“ поседува 680 КС, со едно полнење на батеријата изминува најмногу 800 км, а од 0 до 100 км/ч забрзува за 3,15 сек.
Жарко Атанасоски