Откако во 2020 година Пежо најави враќање во трките од Светскиот шампионат на издржливост, екипата од конструктори дизајнери и техничари влегоа во работилницата да ја завршат работата, односно да направат возило со кое ќе учествуваат во претходно спомнатите трки. Класата „хиперкар“ е новина во трките на издржливост и токму поради оваа нова класа која сега е кралска, многу производители на автомобили најавија учество што е за поздравување затоа што шампионатот ќе биде исклучително занимлив.
Пежо е еден од тие кои се враќаат на трките на издржливост, а меѓу нив е и легендарната 24 часа Леман, една од најпосакуваните трки во светот и да не заборавиме да спомнеме дека сонот на секој учесник е да ја покорат патеката Сарт чија должина изнесува точно 13 километри и 626 метри. Сите сакаат да победат на: ГП на Монако, 24 часа Леман, Индијанаполис и Релито Дакар. Тоа е таа голема четворка сонувана од сите натпреварувачи, посебно возачите.
Хиперкар автомобилот од Пежо е сосема нов. Тој е продолжение на легендарните 905 и 908, победници на трката Леман во 1992 и 1993, односно во 2009 година и затоа болидот ја има „деветката“ во името, да послужи како продолжение на тркачките традиции. „Иксот“ го симболизира погонот на сите тркала и хибридната единица, додека „осумката“ е продолжение од сериските модели кои во моментов доминираат во туристичкото семејство на Пежо: „208“, „308“, „508“, „2008“, „3008“ и „5008“. Обликот и аеродинамиката се развивани под директен надзор на Оливер Жансоние техничкиот директор на Пежо Спорт и Матијас Хосан водечкиот во одделот за дизајн.
Автомобилот кој Пежо го подготвува за трките на издржливост во себе ќе носи 2,6 литарски мотор со шест цилиндри поставени во V под агол од 90 степени и со помош на двоен турбо компресор постигнува фатастични 680 КС кои се пренесуваат до сите тркала со помош на седумстепен секвенцијален менувач. Погонската единица е сместена над задната оска, а над предната ќе се вградува 200 kw електромотор генератор. Високоволтажната батеријата (900 волти) е осмислена и направена од Пежо Спорт, Тотал енерџис и Сафт. Болидот „9Х8“ е долг точно пет метри, широк 2.080 мм и висок само 1.180 мм, со меѓуоскино растојание од 3.045 мм.
Колку е потрошувачката на гориво и какви забрзувања има, тоа се тајни на производителот кои никогаш нема да бидат обелоденети. Можеби ќе бидат спомнати некои бројки, но ни од блиску нема да бидат до вистинските. И за крај, Пежо ќе учествува со два болиди и ќе се обиде да извози најмногу километри за време од 24 часа. Годинава трката ќе се вози во втората половина од август.