Петар Богатиновски-ВРЕМЕ Е ЗА ПОВИСОКИ ЦЕЛИ

03/01/2022

МАКЕДОНСКИОТ КАРТИНГ ВОЗАЧ ПЕТАР БОГАТИНОВСКИ ГО СВРТЕ ВНИМАНИЕТО НА ЈАВНОСТА СО ПЛАСМАНОТ НА ЗАВРШНИЦАТА ОД СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО КАРТИНГ, А ТАМУ МЕЃУ 72 ВОЗАЧИ УСПЕА ДА СТИГНЕ ДО 13. МЕСТО ВО ГОЛЕМОТО ФИНАЛЕ

 

И ако има само 12 години, Петар Богатиновски има извозено илјадници километри, и тоа не какви било туку  тркачки. Љубовта кон трките ја наследил од татко му Игор, кој во годините по осамостојувањето на Македонија активно се натпреваруваше во трките од автомобилистичкото првенство кои се возеа на ридски и кружни патеки. Популарниот цртан филм „Карс“ и главниот лик Молњата МекКвин биле негови омилени ликови, па оттаму и бројот 95 што го има на своето возило. Во биографијата на Петар е запишано дека со картинг почнал на седум годишна возраст возејќи трки во Србија. Оттогаш, освоил пет шампионски титули, од кои две во Македонија, а три во Србија. Лани беше вицешампион во Централно-европската зона на ФИА, каде што членуваат 14 земји, односно државите од поранешна Југославија, плус Албанија, Австрија, Чешка, Словачка, Унгарија, Полска и Италија. Годинава стигна до шампионската титула во категоријата „125 Мини Макс“ и со тоа го завери билетот за настап на светското првенство во Бахреин.

Ова беше остварување на сонот, нешто за што одамна посакував да се случи. И минатата година дојдов блиску, но само до второто место.

Откако дознав дека шампионската титула во ова првенство ми овозможува влез во трката за светско, само тоа ми беше во мислите. Организаторите со многу искуство и зрелост пристапија кон целата манифестација, сè одеше по некаков план и кога конечно успеавме да собереме буџет да отпатуваме за Бахреин, се радував на секој момент поминат таму.

Согласно пропозициите, организаторите им овозможиле на младите таленти неколку тренинзи, а самите картинзи биле распределени со ждрепка.

Мојот механичар Љубо Недимовиќ го подготвуваше возилото за трката. Имавме неколку тренинзи, а потоа бевме поделени во четири дивизии, А, Б, Ц и Д. Ни правеа мини трки мешајќи ги дивизиите, прво А+ Б во една трка, а Ц+Д во друга, потоа А+Ц и Б + Д, за на крај да се случи и А+Д и Б+Ц. Сите тие настапи се бодуваа и врз основа на тоа се одбираа 36 возачи за големото финале. Ние имавме проблематичен почеток, најпрво една мала подготвителна грешка во квалификациите, а потоа и неколку судири во текот на трките каде што загубив многу позиции. На крајот, бевме потиштени бидејќи не бевме сигурни дека влегуваме во финалето. Кога видовме дека сме на 32 место, одеднаш не огреа сонце. Целта беше постигната, сонот беше остварен!

И покрај упатстваата на татко му дека треба да биде внимателен и дека не треба да ризикува многу, Петар одлучил да си ја испроба среќата и да даде сè од себе.

Кога стартуваш од последните позиции во таква конкуренција каде што нема слаб возач, сите се шампиони на некое силно првенство, тогаш не можеш да се надеваш дека ќе направиш добар резултат. Но јас знаев дека во претходните трки имав слабости и многу изгубени позиции поради судирите и извртувањата. Му реков на татко ми дека ќе им покажам на сите. Од 32 место во 14 круга стигнав до 15 место, а подоцна разбрав дека двајца возачи пред мене добиле казна со додавање на казнени секунди на нивното време, поради што официјално сум 13. место во финалната трка од светското првенство. Заостанувањето од 11 секунди зад победникот укажува дека ова беше нашиот најдобар настап во целиот викенд и дека ако стартувавме од подобра позиција, можевме да бидеме уште подобро пласирани. Ова беше моја последна година во оваа класа, па добро е што сонот го остварив во неа. Сега е време за нови цели и за нови соништа во новата класа. Искрено се надевам дека во неа ќе постигнам уште поголеми успеси. Најголем проблем е што немаме наша патека и наше првенство каде што би можел да тренирам, па многу средства се потребни за сето тоа да го правам во странство. Недостатокот на средства е постојан проблем за многумина во овој спорт, па и за мене. Посакувам да имаме средства да се тркаме во 2022 година и да дојдам идната година повторно во финалето, за да се борам за подиумот.

 

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.