PAGANI UTOPIA-УТОПИЈА НА 4 ТРКАЛА

13/09/2022

Долго најавуваната замена за моделот „уаира“ конечно беше претставена вчера (12 септември) пред светската јавност во Театро Лирико во Милано. Сепак, мора да се има во предвид  следново, Пагани е ултра модерна работилница која не произведува конфекциски туку рачно направени автомобили и таму развојот на еден нов модел трае подолго. Додека мајсторот над мајсторите Хорацио Пагани не го провери автомобилот до најситен детаљ, тоа чудо на четири тркала не влегува во „сериско“ производство. Замената на „уаирата“ била подготвувана цели шест години. За разлика од претходните модели каде аеродинамичните детали се поизразени и за око приметливи, во новиот модел тие се слиени во смирениот дизајн со цел ниту едно нешто да не отскокнува од префинетата линија, да не стрчи.

Новото дело од Пагани е наречено „утопија“. Како и секој претходен модел, така и овој е врвна ексклузивност и погодувате производството ќе биде ограничено, овој пат на 99 примероци. Од овој под модел ќе има и сурова тркачка изведба, потоа по некој јубилеен примерок, а ќе има и без покрив, односно ќе бидат произведени 99 примероци плус сите набројани изведби. Вкупно околу 250, најмногу до 300 примероци.

Додека сите трчаат по хибриден погон, електричен итн. Пагани си ја тера класиката. И овој пат го позајмува добро познатиот мерцедесов V12 мотор со зафатнина од 6,0 литри и во него сместува двоен турбо компресор со чија помош моторот произведува 854 КС при 6.000 врт/мин. Може многу повеќе, но и оваа силина е доволна за „утопијата“ да постигнува молскавични забрзувања и вртоглави крајни брзини. Силината се пренесува на задните тркала преку седум степен автоматизирана менувачка кутија со „икс трак“ технологија. Зошто не автоматски со двојна спојка туку автоматизиран? Затоа што „икс трак“ изведбата е за неколку пати полесна од таа со двојна спојка, а Х. Пагани нагласува дека со автоматизираниот менувач возачот има повеќе контрола над автомобилот.

Само 1280 кг – тоа е постигнато со посебните јаглеродни панели произведени лично од Х. Пагани. Инаку, тој е најдобриот и највешт мајстор во светот за производство на панели од јаглеродни влакна. И за крај да ја спомнеме торзионата цврстина која е зголемена за 10,5 отсто во однос на „уаирата“. Ве интересира цената? Околу три милиони евра, а тие јубилејни изведби заедно со тркачките од најмалку пет и сѐ така до 10 и повеќе  милиони евра (наша лична проценка направена според цените од претходните модели).

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.