Опел заврши работа со моделот „грандленд“, ја претстави новата генерација и сега ќе ја следи продажбата, да види како сето тоа ќе помине кај потенцијалните купувачи. Ново во новиот „грандланд“ е тоа што за првпат ќе добие целосна електрификација, односно со 98 kWh батерија ќе изминува 700 км, што е повеќе од задоволително. Останатите погонски единици се класика, комбинација со умерена хибридна технологија, поточно турбо мотор со зафатнина од 1,2 литри и 136 КС и хибриден погон со приклучок.
Потоа се „фали“, има средишно сместен повеќенаменски екран со дури 16 инчи дијагонала, а и димензиите не се тие што беа, сега „грандлендот“ е поголем – долг е 4.650 мм, широк 1.905 и висок 1.660 мм, односно подолг е за 173 мм, поширок за 64 и повисок за 19 мм, така што со склопување на задниот ред седишта, возилото добива оддел за товар од дури 1.640 л.
Нов модел и секако со нов изглед. Опел со претходните модели ја зацрта дизајнерската линија и сега оди по неа и воедно ги обединува сите модели да личат еден на друг. Нека не ве чуди овој потег. Тој е стар колку и автомобилската индустрија затоа што со тоа се добива брза препознатливост на улица. Заштитните знаци и името сега се осветлени, демек со тоа ја нагласуваат електрификацијата.
Опел ни должи уште еден куп други информации, како на пример за внатрешниот дел наменет за патниците. За него кажа само дека е удобен, но слики и димензии на тој простор засега нема. Ако прашувате за продажбата и цената, тогаш извесно е новиот „опел грандленд“ да биде поскап, а првите примероци до купувачите ќе стасаат некаде на есен. Бидејќи и Опел е во групацијата Стелантис, покрај Пежо, Цитроен, Фиат, Џип, Крајслер, за очекување е сите марки да добијат „сув“ од истата класа (како на пример „пежо 3008“).
Жарко Атанасоски