„Опел корса“ е еден од најпосакуваните градски автомобили. Тоа е така со децении наназад, но нема да згрешиме ако кажеме дека обожувањето започнало уште во 1982 година кога „корсата“ се појави за првпат. Сигурно се прашувате што ја прави корсата толку популарна. Многу нешта, најнапред повеќето изведби, потоа богата опрема, солидна изработка, палета од бои, лесна за одржување, безбедна и што уште не.
Најновата „корса“ наполни четири години и време е да биде освежена. Нова маска, нови предни светла, нов браник, поточно предниот дел сега е многу сличен на популарната „астра“. Редизајнот веднаш се приметува, односно дизајнерите добро си ја завршиле работата. Погонските единици започнуваат со 1,2 литарската со три цилиндри и турбо полнач, со силина од 100 и 130 коњи и со умерена 48 волтна хибридна технологија. Ќе има и две електрични изведби, првата со 136, а другата со 156 КС. Со првата ќе изминете 357 км, додека со втората 402. Дизел? Не го спомнуваат, да видиме што ќе се случи некој месец подоцна, есенва кога ќе започне продажбата.
Клима уреди, нови материјали, 10 инчен екран, дигитална инструмент плоча, нов дизајн на платнениот дел од седиштата и секако збогатена сериска безбедносна опрема без која не се може. Опеловци кажаа многу работи, но цената никаде не ја спомнаа, ја кријат, а како што тргнало ќе ја обелоденат кога ќе започне продажбата. Автомобилите од класата започнуваат со цена некаде од 15.500 евра, тука некаде ќе биде и цената на „корсата“ со 100 КС.
Жарко Атанасоски