OPEL ASTRA-„ЅВЕЗДАТА“ ЌЕ ЗАСВЕТИ ПО ШЕСТИ ПАТ

16/07/2021

Пред три децении Опел на свет го донесе моделот „астра“, заменувајќи го надалеку познатиот модел „кадет“. Сè уште не е јасно зошто едно проверено име беше заменето со сосема непознато. Тогаш во 1991 година беше претставена првата „астра“, а годинава во октомври, ако сè биде како што треба, Опел на Салонот за автомобили во Франкфурт ќе ја претстави шестата генерација.

Првите официјални фотографии беа претставени на 12 јули и веднаш се забележува оштрата динамика во дизајнот – „астрата“ сега изгледа поагресивно и потемелно од нејзините претходници. Најверојатно сето тоа се должи на обликот со ниска и тенка силуета.

Новата комбилимузина со пет врати е долга 4.374 мм, односно за само 4,0 мм подолга од претходната петта генерација, но затоа меѓуоскиното е зголемено за 13 мм и сега изнесува 2.675 мм, а ширината располага со 1.860 мм, односно е зголемена за осетни 51 мм. Во овие димензии конструкторите заедно со обликувачите на возилото створиле оддел за товар со зафатнина од 422 литри. Силината од моторите ќе се пренесува на предната оска преку шестстепен обичен или осумстепен автоматски менувач.

Оваа класа, односно сегменот „ц“ е од тие кои најмногу бараат, најспецифичен е и тука производителите најмногу се тепаат кој да биде прв со продажбата. Конкуренцијата со децении наназад е преголема и да се опстане во оваа класа воопшто не е лесно. „Кадет“, односно наследникот „астра“ засега добро се справува со останатите, а челниците од Опел се надеваат дека шестата, најновата, генерација успешно ќе се спротивстави на конкуренцијата. „Опел астра“ има свои поклоници, но очекувањата на челниците се поголеми, се надеваат и на нови заинтересирани кои ќе одлучат нивниот следен автомобил да биде „астрата“.

За содржината на опремата не мора многу да се зборува. Во денешно време секој нов автомобил во себе содржи мал милион дигитално електронски ситници кои го подобруваат вкупниот впечаток за автомобилот, и над сè дел од нив играат главна улога во безбедноста.

Производителот планира погонските единици да бидат и од тие обичните и од тие хибридните, но од 2028 година од фабриките на Опел ќе излегуваат само возила со погон на „струја“.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.