ПОЗАЧЕСТЕНИТЕ СОБИРИ НА ОЛДТАЈМЕР ВОЗИЛАТА НЕСОМНЕНО ПРЕДИЗВИКУВААТ СÈ ПОГОЛЕМ ИНТЕРЕС КАЈ ПОСЕТИТЕЛИТЕ, А ТАКОВ БЕШЕ И СОБИРОТ ШТО СЕ ОДРЖА НА ДРЖАВНИОТ ПРАЗНИК 11 ОКТОМВРИ НА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД ВО КУМАНОВО
По повод државниот празник 11 Октомври во Куманово се одржа изложба на стари возила што беа поставени на главниот плоштад во центарот на градот. Изложбата наречена „Златната ера на автомобилите“ се одржа на 11.10.2024 година на градскиот плоштад Нова Југославија плоштад Куманово. Посетителите на овој убав настан имаа извонредна можност да се запознаат со прекрасната ретроколекција на стари автомобили, од кои повеќето беа класични автомобили од разни децении што внимателно и грижливо се зачувани, а некои и реставрирани од сопствениците. На овој настан посетителите можеа да се вклучат во незаборавното патување низ времето и да го откријат шармот на автомобилската легендарна и незаборавна историја. Покрај изложените стари автомобили имаше и штандови на кои можеа да се видат макети на стари автомобили, упатства за ракување, како и различни автомобилски ретросписанија од некое минато време, производителите на автомобили во упатствата за одржување го доловуваа секој дел на возилото и во случај на дефект сопственикот да може сам да го отстрани…
На изложбата имаше разни модели на автомобили од кои највпечатливи беа Mercedes Ponton од 1959 година, Morgan 4/4 од 1972 година, Opel Olimpia Record од 1953 година, Citroen DS, Fiat 850 Sport, како и незаборавните Мercedes w123 што сè уште може да ги видиме по улиците на Македонија. Секако, атракција на настанот беше незаборавниот Jeep Wilys и автомобилот Opel Kapitan oд 1941 година, како и многу други марки и модели. На сите учесници им беа доделени благодарници за учество на настанот.
На изложбата имаше околу 65 возила од Македонија, Србија и Хрватска. Ова е трета изложба одржана во Куманово. Организацијата на изложбата ја реализираше олдтајмер клубот Олдтајмер витези од Куманово, организирана од Стефан Трендафиловиќ, Марко Кузмановски и Стефан Тоневски, а Општина Куманово даде голема и безрезервна поддршка за да се одржи овој успешен настан, како и други спонзори. Од олдтајмер клубот Витези велат дека и во иднина ќе има вакви настани и изразија благодарност до членското списание „АМСМ Клуб Мобилити“ што ù посветува внимание на оваа категорија возила, како и на настаните од ваков карактер што ја опишуваат автомобилската историја во нашата земја.