НОВИОТ РАЧЕН ЧАСОВНИК НА HERMÈS ВО ЛИМИТИРАНО ИЗДАНИЕ-ИНСПИРИРАН ОД СВИЛЕНА ШАМИЈА

10/05/2021

Hermѐs, париската модна куќа што веќе 184 години е синоним на луксузот, неодамна го претстави новиот рачен часовник во лимитирано издание, во исто време прославувајќи ја нејзината целосна посветеност на уметничката изработка, Métiers d’Art

 Рачниот часовник го привлече вниманието на јавноста, која присуствуваше на годинашното Watches and Wonders шоу во Женева (7-13 април) и во Шангај (14-18 април). Се работи за Slim d’Hermѐs C’est la fête на париската модна куќа, за кој се вели дека е своевидно чудо (се разбира, уметничко), дело на вредните раце на граверите и на мајсторите што се задолжени за емајлирање, нивните вештини, кои лесно можат да се препознаат. Како што кажува името, саатот е направен врз основа на Slim d’Hermѐs моделот, кој го осмисли Philippe Delhotal во 2015 година. На едноставноста, карактеристична за неговото тркалезно куќиште, ѝ контрира мотивот на бројчаникот што, несомнено, интригира, побудува интерес и љубопитство, чија естетика му го зголеми квалитетот во поширока смисла.

Мотивот на бројчаникот е човечки скелет во фрак и цилиндар на главата, како јава скелет на коњ, преземен од машката свилена шамија од 2012 година, која инаку е дизајн на Daiske Nomura. Јапонскиот уметник соработуваше со Hermѐs за „рамната“ илустрација да ја тродимензионира, притоа создавајќи дизајн што е малку поинаков, поразличен и невиден досега.

C’est la fête бројчаниците на Hermѐs се произведуваат во Швајцарија. За нивната рачна изработка се одговорни само тројца занаетчии – едниот е посветен на емајлирањето минијатури, другиот се занимава со „paillonné“ емајлирањето, а третиот е одговорен за гравурите, кои мораат, и вака и онака, да го привлечат вниманието.

„Paillonné“ емајлирањето е, всушност, педантна техника која вклучува интарзија, вметнување на златни, сребрени ливчиња меѓу слоевите на емајл, со цел да се креира вариетет на светлина, транспарентност и, секако, релјеф. Од друга страна, деликатната уметност на емајлирањето минијатури е подеднакво напорен процес. Уметникот ги црта контурите на мотивот на рачно емејлирана и полирана површина од бело злато, со употреба на фина четкичка, за да се украси со стаклени пудри во различни бои, помешани со природни масла. Неколкуте слоеви се нанесуваат постепено и се сушат.

Занаетчијата специјализиран за гравирање користи длето со цел да го оживее тродимензионалниот мотив, притоа создавајќи релјеф, преку длабочината на фигурите во златото што им ја дава. И така, обоениот мотив изгледа како да излегува од бројчаникот со темносина заднина. За изработка на еден бројчаник се потребни цели три недели.

Slim d’Hermѐs C’est la fête има куќиште од бело злато, со пречник од 39,5 мм, каде што се „крие“ Manufacture Hermѐs H1950 самонавивачкиот механизам. Саатот го комплетира темносиното каивче од алигатор, креирано во работилницата на париската модна куќа. Slim d’Hermѐs C’est la fête се продава во лимитирано издание, осум на број, секој по цена од 112.900 долари.

Hermѐs International S.A. или само Hermѐs е основана во 1837 година од францускиот бизнисмен Thierry Hermѐs (1801-1878), со седиште во Париз. Модната куќа е специјализирана за производство и продажба на кожени производи, „lifestyle“ и аксесоари за дома, часовници, парфеми, накит и облека. Нејзиното лого е креирано во 1950-тите, а означува превоз на војвода со коњска кола. Моментално, креативна директорка е дизајнерката Nadѐge Vanhee-Cybulski

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.