Нисановиот купе модел со ознака „з“ за првпат од своето појавување нема да носи бројка. Убаво е да се види како еден модел созрева низ децении. Моделот „з“ е еден од тие кои доживеале ретка старост од половина век и шест генерации, односно седум со најновава, која има по нешто позајмено од сите шест претходни и што е најважно не се напуштени класичните мерачи со сказалки сместени над централните отвори за проветрување.
Конструкторите и дизајнерите велат направиле спортски автомобил во купе каросерија, погоден за секојдневна употреба и над сè е премногу едноставен и лесен за управување. Сите чинители во автомобилот кои пред сè мора да бидат скроени во спортски дух, сепак истите се до крајност приспособени и ергономски дотерани со цел да бидат што поблиску до човекот – тие што се во возилото да се чувствуваат пријатно иако се наоѓаат во спортско купе со нималку скромни 400 КС. Оваа силина ја произведува мотор со шест цилиндри поставени во V со работна зафатнина од „весели“ 3,0 литри, односно тие 400 КС излегуваат при 6.400 врт/мин. Покрај таа силина добиена со помош на двоен турбо полнач, во моторот е вградена технологијата која ги отвора и затвора вентилите во зависност од режимот на работа на моторот. На тој начин заштедата на гориво е највисока, а како ефект од работата на системот (е-ввт), моторот беспрекорно создава ефикасна силина без губитоци. Силината се пренесува на задната оска преку шестстепена обична менувачка кутија, а за тие што не сакаат да менуваат брзини и забрзувањата да се мерат во милисекунди, производителот нуди автоматски со девет степени на пренос. Во обичниот менувач е вградена високоефективна спојка од марката Екседи за полесно и попрецизно менување на брзините. Конструкторите велат менувањето на брзините се одвива толку лесно, речиси инстинктивно.
Ваков автомобил мора да биде многу „близок“ со стабилноста како во свиоците така и правците… новодотерана шасија и наново обесување на тркалата и секако ново подесување, нови амортизери со поголем пречник и поголема ефикасност за цели 20 отсто од тие во претходниот модел (370 з), а управливоста е посебен дел од приказната – системот за управување е едноставен и со него лесно се ракува. Предните тркала се обесени со помош на класиката „двојна рибина коска“ со подобрена геометрија, а одзади тркалата се обесени во повеќе точки (милти линк). И секако електрониката и дигиталната технологија имаат свое место во новата генерација „нисан з“, како и во сите останати современи автомобили.
Сите изведби од моделот „з“ се снабдени со тие електронско дигитални уреди, почнувајќи од автоматското вклучување на сопирачките при итни состојби на патот, откривање пешаци на патот, предупредување при појава на возило во слепата точка, предупредување при менување на коловозната лента, предупредување од судари итн. Ако сè оди според планот, првите примероци од „нисан з“ треба да стасаат во продажните салони наредната година на пролет.