Пред повеќе од три децении, типичниот градски автомобил „нисан микра“ се закити со европската титула Автомобил на годината за 1993, што воедно беше и првата ваква награда за еден јапонски автомобил. Ако таа „микра“ денес се појавеше како нов модел, сигурно ќе се сметаше за технолошки врв затоа што под хаубата крие мотор со беспрекорни карактеристики, и без претерување може да се каже дека има мини „Ферари“ мотор. Станува збор за мотор со четири вентили по цилиндар, вбризгување гориво во секој од четирите цилиндри во линија, променливо отворање и затворање на вентилите во зависност од режимот на возење (во зависност од работата на моторот) и независно обесување на тркалата, карактеристика што обично се среќава само кај автомобили од високата класа.
Шестата генерација на „нисан микра“ е дизајнирана во студиото НДЕ (Nissan Design Europe) со седиште во Лондон. Денес, Нисан е дел од алијансата со Рено, и според досегашниот развој на настаните, очигледно е дека Рено ја има водечката улога. Тоа се забележува и кај новата „микра“, која ги носи дизајнерските црти на новата „рено 5“. Иако предните светла и маската се редизајнирани, а задниот дел исто така е дотеран, основниот дизајн силно потсетува на оној на „петката“.
Неизбежните екрани се присутни и кај новата „микра“, еден пред возачот и друг на централната конзола, чувствителен на допир. И двата се со дијагонала од 10,1 инчи. Со должина од 3,97 метри и меѓуоскино растојание од 2,54 метри, новата „микра“ нуди доволно простор за пет возрасни лица, додека багажниот простор изнесува 326 литри.
Бидејќи станува збор за целосно електричен модел, автомобилот располага со батерија од 40 kWh, доволна автомобилот да измине 310 км. Со оваа батерија следи мотор со 122 КС, а изведбата со е – мотор од 150 КС има 52 kWh батерија која овозможува автономија од 408 км. Времето потребно за полнење на батеријата од 15 до 80% е околу 30 минути.
Првичните информации укажуваат дека основниот модел на новата „нисан микра“ ќе се продава по почетна цена од 24.500 евра.