185 ВОЗАЧИ СЕ ПРИЈАВЕНИ ДА УЧЕСТВУВААТ ВО НАЈЛЕГЕНДАРНАТА ТРКА НА ПЛАНЕТАВА, 24 ЧАСА ЛЕМАН. ОРГАНИЗАТОРОТ КОЈ ПО 93. ПАТ ГО ПОДГОТВУВА ОВОЈ 24 ЧАСОВЕН „БРЗ ЦИРКУС“, ОЧЕКУВА НАД 200.000 ПОСЕТИТЕЛИ, А ДОБРИТЕ ПОЗНАВАЧИ НА ПРИЛИКИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ТАА БРОЈКА ЌЕ БИДЕ НАЈМАЛКУ 250.000.
Време е да ја најавиме трката над трките именувана како 24 часа Леман. Името кажува сѐ. Тоа „24 часа“ кажува за времетраењето на трката – 24 часа со полна брзина. Тоа е трка на издржливост, маратон каде играта со нерви е исцрпувачка и стресни мигови колку што сакате. И да не знаете за каква трка зборуваме само што ќе слушнете дека трае едно деноноќие, веднаш знаете дека овде нешто не е во ред. Трка со времетраење од час, час и половина или два, е нешто како вообичаено. Три часа тркање се многу, а не пак 24. Затоа во секое пријавено возило има по тројца возачи кои се менуваат како што ќе се договорат.
Трката се вози на патеката Сарт долга 13.626 м. Еден дел е токму тркачка патека, а дел од неа е всушност јавен пат кој организаторот го користи како тркачка патека, што значи за време на тренинзите и трката сообраќајот е затворен. Најголемата постигната брзина е регистрирана на местото наречено „мулзеин“, правиот дел од патеката, во 1988 год. од страна на возачот Роже Дорчи од тимот Велтер Рејсинг со прототипот „вм – пежо п 88“. Поставените радари ја покажале бројката 407.
Мистер Леман е Том Кристенсен, возач со неверојатни девет титули, а од марките, (производителите) најтрофејна е Порше со фантастични 19 победи, не во една туку во сите класи. Ќе беше премногу ако само во најсилната класа беа постигнати сите 19 победи, а во тимската класификација Јоест Рејсинг досега има освоено 13 титули 24 часа Леман.
Трката почнува во 16:00 часот на 14 јуни, а завршува наредниот ден на 15 јуни во 16:00 часот. Сепак сиот тој „циркус“ започнува многу порано, на 10 јуни и трае сѐ до завршување на трката на 15 јуни. Интересно е тоа што Ферари се врати во трките на издржливост и две години по ред им зема мерка на конкурентите.
Дали и годинава ќе биде така, допрва треба да видиме. И Астон Мартин се враќа по пауза од 2011 год. така што сега конкуренцијата е збогатена за уште еден натпреварувач. Ферари, Тојота, Пежо, Кадилак, БМВ, Алпина, Астон Мартин и Порше. Вкупно се пријавени 185 возачи распоредени во сите класи. 21 болид има во класата „хиперкар“ (некогашната „прототипови“), во „лмп 2“ се пријавени 17 болиди и 24 болиди во класата „лмгт 3“. Како резерни тимови пријавени се шест возила. Догодина треба да влезат уште три марки, едната од нив е Форд, другата Генезис (читај Хјундаи), а третата само е најавена, но името сѐ уште се чува во тајност.
Тешко ќе биде за гледачите да седат на трибини едно деноноќие, а да не зборуваме ако треба да возите, односно да се тркате, не да возите. Возење е едно, а тркање сосема друго. Нека им е со среќа на сите и да ги видиме на целта на 15 јуни попладне по 16:00.