WEC Лоун Стар Ле Ман-НА ЧЕКОР ОД ОДБРАНА НА ТИТУЛАТА
СТАРТОТ НА ТРКИТЕ ВО СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО МОТОЦИКЛИЗАМ БЕШЕ ОДЛОЖЕН ОТКАКО ИЗБИ КРИЗАТА СО КОРОНАВИРУСОТ, НО ИАКО ПЛАНОВИТЕ ЗА РЕСТАРТ НЕ СЕ ДЕФИНИТИВНИ, ВО ПОЛН ЕК Е КАМПАЊАТА ДА СЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА КАРИЕРАТА НА ВАЛЕНТИНО РОСИ.
Италијанецот е веќе 20 сезони во „кралската класа“, откако претходно освои титули во двете пониски категории (тогаш за мотори со зафатнина до 125 и 250 сантиметри кубни). Во елитното друштво тој освои уште седум наслови светски шампион, со што ја задолжи оваа гран при серија, носејќи и невидена популарност, која и од самиот него направи мега-ѕвезда.
Денеска „докторот“ се подготвува за пензионирање, бидејќи истекува и втората година од неговиот последен договор со фабричкиот тим на Јамаха, но гласините за негово задржување во Мото ГП стануваат сè посилни, а доаѓаат и од високи места, каде што релевантни водечки луѓе на серијата му нудат добро да размисли пред да повлече следен потег. Јамаха веќе објави дека во фабричкиот тим ќе го донесе младиот Фабио Куартараро, кој возеше за сателитскиот тим Петронас Јамаха и стигна до петтото место во генералниот пласман за 2019 година (Роси беше седми со 18 бода помалку).
Првиот, но и најизграден предлог доаѓа токму од сателитскиот тим на Јамаха, кој е спонзориран од малезиската нафтена компанија „Петронас“. Оваа компанија има веќе долг стаж во светот на трките, почнувајќи своевремено со Заубер во Формула 1, за денес да е официјално дел од фабричкиот тим на Мерцедес, и тоа со стаж од цела деценија. Во видео интервју за официјалниот сајт на светското првенство, тимскиот шеф на Петронас Јамаха, Разлан Разали, го обелодени планот за кој многу се говори, со што демистифицираше некои детали, односно ја понуди на навивачите комплетната визија за 2021 година.
– Идејата за доаѓање на Валентино кај нас станува сè поинтересна, од ден во ден, колку што повеќе ја разгледуваме. За нас како тим е важно да имаме стабилност во смисла на перформансите, а покрај тоа мислиме да го задржиме Френки, за кого мислиме дека е во можност да ни го даде тоа што го бараме. Кога Валентино би бил со нас, тој би бил водич, како за тимот, така и за Френки, па освен што ќе придонесе за стабилноста, ќе ни даде и мошне интересна приказна. Под број еден, ние следната година треба да се вратиме во игра после една многу лоша сезона (тоа е ова што ни се случува годинава) и како второ, за една легенда како Валентино, којшто е деветкратен светски првак, ова не е вистински начин, да се пензионира во вакво сценарио. Ние сакаме тој да продолжи и сакаме да ја овозможиме платформата за тоа да се случи,- вели Разали.
Тој открива дека за идејата веќе дискутирале со Јамаха, ставајќи акцент за моторот што ќе го добие Валентино, како и трошоците околу него, со што меѓу редови наговести дека неговиот тим може да побара од фабриката да подготви трет фабрички модел, кој можеби би бил на повисоко ниво од моделот што го имаат како сателитска екипа.
– Имавме неколку дискусии со Јамаха на оваа тема, чисто за да разговараме за техничките аспекти на тема „што ако Валентино дојде во нашиот тим“, а притоа под тоа ги подразбирам деталите за мотоциклот, трошоците за него итн. Исто така, разговаравме и со врвните преставници на компанијата „Петронас“ за можноста Валентино да му се придружи на нашиот тим. Но, сè уште немаме направено состанок лично со Роси! Валентино не е било кој друг возач, Валентино е легенда! Тој е легенда што живее, тој е деветкратен светски првак и едноставно тој многу знае. Но, во исто време, за нас никој не е поважен од тимот, тимот е најважниот во приказната. Она што го имавме минатата година како структура, како луѓе, сакаме да го задржиме. Ние сме во нашата втора година и секако дека не сакаме да се промениме од корен заради една личност,- додаде Разали со што можеби и го откри најболниот дел од оваа идеја, а тоа се инженерите и механичарите кои ќе треба да го опслужат Роси.
Оваа идеја има иднина, тврди менаџерот на тимот Петронас Јамаха, но за тоа да се случи, тие секако ќе бараат од „докторот“ да блеска како што публиката е научена да го гледа тоа од него.
– Ние не сакаме Валентино само да ја заврши кариерата во нашиот тим, не сакаме да бидеме само негова по- следна екипа! Наша цел е тој да биде конкурентен, да се натпреварува, да му оди добро и да се бори за подиумот, тоа е она што е важно . Не сакаме само да дојде тука со мислата дека ова му е последна сезона и да ја помине лабаво. Ако тој покаже дека е конкурентен, понатаму сè е можно! Ќе се договориме, ако посака да остане, ќе го дискутираме тоа, но се додека не седнеме со него и да го прашаме што тој сака, како и да му дадеме шанса тој да не праша нас што сакаме ние од таквиот тим, ќе имаме да зборуваме на долго и на широко. За нас најголем приоритет за идната година е да го имаме Франки Морбидели, мора да направиме и да му овозможиме сè што тој има потреба, доколку Вале ни се приклучува следната година, тоа е дискусија што ќе треба да ја направиме повторно, но Френки е нашиот клучен возач за 2021 година!
Големите апетити на Петронас Јамаха не се потпираат само на оваа идеја. Разлан Разали откри и дека разговарал со Хорхе Лоренцо за време на зимските тестирања, кој лани стави крај на тркачката кариера како возач на Хонда, но потоа стана тест возач на Јамаха.
– Имав можност да разговарам со Хорхе Лоренцо за време на тестирањата коишто се одржаа на патеката Сепанг. Тој изгледа мошне освежен, особено во смисла на тоа да им се врати на трките, добив прашање од него на таа тема но тоа беше премногу рано во сезоната за да се разгледува таа тема, едноставно кажано, ако имавме нормална сезона и ако тој добиеше „вајлд карта“ и се претставеше добро, едноставно сите можност ќе беа отворени. Како да ви објаснам, сите сакаат да возат за Јамаха, и поранешните и сегашните возачи, дури и дебитантите, па ние имаме „слатки маки“ да избереме кого го сакаме, но сето тоа важи во нормална натпреварувачка сезона, а ние немаме таква. Затоа во овој момент, нам ни е тешко да размислуваме, било за Хорхе Лоренцо, било за кој друг возач од мото ГП.
За ваквиот план поставен е и краен рок, кој што веројатно ќе се случи откако сезоната ќе се рестартира.
Искрено верувам дека август е последниот краен рок во којшто треба да го објавиме името на вториот возач покрај Френки Морбидели, сето тоа мораме да го испланираме заедно со Јамаха, а исто така, е важно и заради менталитетот на возачите, сакаме да им овозможиме стабилност, за да може да се фокусираат на својата работа и затоа мораме да решиме сè до август.
Оваа идеја на Разали досега не беше коментирана и отфрлена од Роси, кој напротив беше во фокусот на јавноста како еден од најдобрите тркачи во видео трките кои се спроведуваат за време на принудната пауза. Италијанецот беше меѓу водечките, за на крајот да ја искористи грешката на Фабиа Куартараро и да освои место на подиумот зад дуото на Хонда, браќата Алекс и Марк Маркез. Претходно, Роси се поврзуваше со улога на тимски шеф во сопствен сателитски тим на Јамаха, спонзориран од медиумската компанија „Скај“.