Како што тргнале работите, Митсубиши забрзано се подготвува да ја претстави новата генерација од моделот „а с икс“. Сув возило кое постигна солидни продажни резултати, но овој пат моделот нема да биде во сопствена режија сценарио и камера, туку како основа за производство ќе ја користи истата од „рено каптур“. Тоа е така затоа што Митсубиши сега е во кругот на Рено, а таму командува сопственикот. Не само моделот „а с икс“ туку и веќе заборавениот „колт“ е во подготовка да влезе во сериско производство. Велат овој модел ќе ја користи основата од „рено клио“. Сега е во „мода“ да правите автомобил на туѓа основа (платформа) – една основа повеќе автомобили од различна марка, но со исто подвозје, со исти мотори, со исти менувачи итн. Тоа во превод значи еден ист автомобил во повеќе „кожи“ (каросерии).
Деновиве Митсубиши преку интернет испрати слика на која јасно се чита кратенката „а с икс“ заедно со „митсубиши“. Салонот за автомобили во Париз не е воопшто далеку, некаде во септември треба да биде одржан и најверојатно производителот за таму го подготвува првичното претставување. И престижниот Салон за автомобили во Детроит не е далеку, односно е многу поблиску од тој во Париз, треба да се одржи на средина од летово, ако организаторот не сменил нешто во врска со датумите. Можно е да подготвуваат прво претставување во Детроит, затоа што Митсубиши не е непознат во тој дел од светот како што е случајот, на пример, со Рено.
И сега сѐ е јасно, моторите ќе бидат хибридни, а не е исклучена можноста и за целосно електрифицирана изведба. Мали мотори по зафатнина (0.9 литри со три цилиндри и 1,3 л со четири цилиндри, обата со турбо полначи), а велат ќе има и чисто бензиски погон со 1,6 литарски мотор. Не ги спомнуваат дизел моторите, ни погонот на сите тркала.
Жарко Атанасоски