Генерално обликот на „мини кантримен“ не е многу сменет. Дизајнерите го обликувале новиот „кантримен“ во границите на некое обновување, популарно наречено редизајн. Заоблените линии сега се скротени, а најголемата измена се предните светла кои отсега натаму ќе имаат по некој агол, веќе не се во облик на круг. Внатрешноста, исто така, претрпела измени, но сето тоа е само шминкање, затоа што „минито“ мора да ги задржи основните белези, односно да ја чува традицијата.
Најзанимливи се погонските единици. Покрај електричниот погон, ќе бидат присутни и бензинските, но и дизел моторите. Производителот нуди две погонски изведби, едната само со погон на предните тркала и една со погон на сите тркала која ја носи ознаката „ол 4“. Електричните мотори располагаат со силина од 204 и 313 КС. Првиот мотор постигнува 100 км/ч за 8,6, додека таа со 313 КС ја постигнува истата брзина тргнувајќи од место за убедливи 5,6 сек.
Секако дека зголемените димензии, 4.433 мм должина, 1.843 мм ширина и 1.656 мм висина, даваат поголема удобност во кабината и секако одделот за товар кој располага со најмалку 460 литри, а најмногу 1.450 со спуштена задна клупа. „Мини караван“ како што популарно е нарекуван од јавноста, ќе има и своја изведба именувана како „џон купер вркс“ која располага со силина од солидни 313 КС. За и околу деталите на новиот „кантримен“, цена и испорака, прашајте го увозникот.
Жарко Атанасоски