Марката Морисон Гараж или скратно МГ, подолго време беше отсутна. Од време на време имаше некои најави за нејзино закрепнување, но сето тоа беше само на зборови. Откако компанијата беше купена од кинеската фирма САИК Мотор, работите со МГ тргнаа по нагорна линија. Марката МГ претстави сосема нов модел направен на сосема нова основа, а обликот потсетува малку на комбилимузина, малку на кросовер, односно ни ваму ни таму. Според димензиите, должина 4.287 мм, ширина 1.836 мм и висина 1.504 мм, „мг 4 ев“ му припаѓа на сегментот „ц“.
Новиот модел се одликува со: простор доволен да ги задоволи потребите на едно петчлено семејство, додека батеријата е сместена во подот. Бидејќи таа е една од најниските во светот, само 110 мм, што придонесува поголемиот дел од тежината да биде сконцентрирана во најдолниот дел од возилото. Таквото ниско тежиште придонесува за подобро маневрирање и управливост на возилото во најразлични услови на патот. Кон оваа состојба се придружува и распоредот на тежината 50:50 на прeдната и задната оска, податок кој го прави возилото неутрално при наглите странични движења. Не само што батеријата е една од најниските, туку воедно е и една од најиздржливите. Создавачите гарантираат нејзин многу долг век на експлоатација, но не наведуваат колку тоа трае временски.
Основата на која е направено возилото носи име „мсп“, а на неа може да се конструираат возила од најразличен тип со меѓуоскино растојание во распон од 2.650 до најмногу 3.100 мм. Штом е така тогаш наскоро можеме да очекуваме брза најава за претставување на следен модел. Овој за кого сега пишуваме е во фаза на завршни тестирања. Производителот сака да помине уште 120.000 км и да ги направи последните „навиткувања“ затоа што наскоро, некаде на крајот од годинава ќе следи светската недигитална премиера и почеток на продажбата. Најавуваат крајна брзина од 160 км/ч и забрзување од 0 до 100 км/ч за помалку од осум секунди и погон само на задната или на двете оски. Што навистина подготвил МГ, ќе дознаеме во последниот квартал од оваа година.