Поинаква архитектура, поинаков пристап кон подвижноста во градските средини и облик кој потсетува на некогашните меки линии посебно на тие од минатиот век. На таков начин марката МГ го замислува возило со две седишта наменето строго за современите градски средини каде не владее сообраќајна гужва, туку сообраќаен хаос. Така велат во извештајот одговорните од МГ.
Концептот „мазе“ како што бидува со сите денешни концепти, ја следи последната односно најновата технологија и истата е вградена. Со тие елементи возилото отскокнува од останатите концепти, затоа што можеби дури и премногу има од таа технологија која денешниот возач не ја посакува во неговото возило. Се прашувате што е тоа толку технолошки напредно во „мг мазе концепт“ – автомобилот не се управува преку класичното тркало, туку преку паметните телефони. Тоа што вчера и денес го нарекувавме компјутерска игра, утре ќе биде не игра, ами досадно секојдневие. Седите во автомобилот и наместо да гледате напред каде возите вие со наведната глава си гледате во телефонот и управувате со возилото. Ќе дојде време кога животот ќе ни биде како денешниве компјутерски игри.
Обликот плени на прв поглед, многу е успешен. Второ нешто што плени на прв поглед е начинот на кој се влегува во возилото. Нема врати обични или лизгачки, туку улогата на врата ја игра системот „школка“. Исто како тие симпатични водени битија што се отвораат за да внесат кислород и планктоните, така концептот се отвора за да влезат или излезат патниците. Многу досетливо и впечатливо, необично и допадливо и над се горната половина од школката е провидна, имате чувство како да се возите во кабриолет, а всушност сте заштитени од ветар, од сонце, од дожд, од мушички и од многу други нешта.
Заклучок? Тешко возилово да влезе во сериско производство. Производителите на автомобили ни симнуваат ѕвезди од небото, прават прекрасни облици на четири тркала, но штета за нив и за човештвото што тие концепти само фаќаат прашина во некој музеј или музејско депо. За жал истата судбина ќе ја има и концептот „мг мазе“.