MERCEDESS-BENZ C-CLASS-СТИГНА ВИТАМИНОТ ОД КЛАСАТА „Ц“

03/03/2021

Производителот ја нагласува разликата во димензиите на новата генерација со претходната. Новата „ц класа“ сега е подолга за 65 мм, односно 4.751 мм, поширока е за 10 мм, односно сега поседува 1.820 мм, додека меѓуоскиното растојание сега изнесува 2.865 или поголемо за 25 мм. И товарниот простор е поголем и сега неговата зафатнина изнесува солидни, за класата, 455 литри.

Сите погонски единици ќе бидат со по четири цилиндри во линија, ќе има и бензински и дизел, но со хибридна технологија низ целата гама. Бензинските мотори се застапени со 1,5 литарскиот турбо со 170 и 204 КС во изведбите „ц 180“, односно „ц 200“ и секако, тука е умерениот хибриден погон со дополнитлни 20 КС. Изведбата „ц 300“ во себе ќе има 2,0 литарски турбо мотор со 265 КС. И тука ги има тие дополнителни 20 КС од умерената хибридна технологија. Многу посакуваниот, на овие простори, дизел агрегат, располага со два литри зафатнина и се нуди со три силини, 161 (ц 200 д), 200 (ц 220 д) и 265 коњски сили (ц 300 д) плус 20 КС од умерениот хибриден погон. Преносот на силината се одвива преку деветстепен автоматски менувач „г троник“ до задната оска или до двете оски во зависност од изведбата.

Приметлива е сличноста на новава „ц класа“ со врвот во понудата, „с класата“. Само некои детали се различни додека сè останато е речиси исто. Ако нешто ви значи коефициентот на отпотор на воздухот, тој изнесува Cw 0,24 што е задоволувачки, но можеле подобро да го изработат, или адутот го чуваат кога моделот ќе стаса за обновување на обликот (редизајн). Електронските безбедносни системи се позајмени од поголемите лимузини и сите тие се сместени во еден пакет наречен „пакет за помош при возењето“ или скратено „дап“.

Цената на автомобилот ќе биде повисока во однос на претходната генерација, а ќе се произведува во три фабрики, во домашната, во кинеската и во јужноафриканската. Продажбата само што не започнала, поточно се планира за крајот на март. Досегашниот модел е продаден во 2,5 милиони примероци, а најмногу од нив во Кина, а дури потоа следи САД, Германија и останатите.

Ознаката „ц класа“ за првпат се појавува во семејството на Мерцедес во 1993 година, а претходникот, моделот „190“ датира од 1982. Оттогаш до денес продадени се 10,5 милиони примероци од оваа компактна премиум класа. Поклониците на „ц класата“ сега ќе имаат можност да се освежат со новиот „ц“ витамин.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.