Речникот на Мерцедес – Бенц не познава претходна генерација „цла“. Што правиме сега? „Е класата“ од многу одамна имала и купе и кабриолет изведба, но под друго име. Велат „воведувањето на „цле“ во речникот воедно значи заминување на „ц купето“ и „ц кабриолетот“, заедно со „е купето“ и „е кабриолетот“ од претходната генерација. Еден доаѓа, четворица си одат, односно „цле купе“ и „цле кабриолет“ доаѓаат, а „е класа купе“ и „е класа кабриолет“ си одат, заедно со истите изведби од „ц класата“.
Новото купе е долго точно 4.851 мм, подолго од моделите кои ги заменува, додека меѓуоскиното растојание е исто како како кај „ц класата“, 2.865 мм, но затоа е поголемо во однос на конкуренцијата („бмв 4“, „ауди а 5“).
„Мерцедес цле 300 4 матик“ во себе има турбо мотор со четири цилиндри во линија од кој се извадени 255 КС, а шестцилиндричниот го вградуваат во изведбата со ознаки „цле 450 4 матик“ со двоен турбо компресор кој помага при создавањето на 375 КС. Силината кај обете изведби се пренесува на двете оски преку автоматски менувач со девет степени. Обата мотори се со умерена хибридна технологија која дава дополнителни 23 КС. Ќе има и две изведби со пониска цена, еден дизел и еден бензински, „цле 220 д“ и „цле 200“. Велат овие мотори се исклучиво наменети за континентов, нема да „одат“ преку „Големата Бара“.
Што се однесува до тоа како се обесени тркалата, тие и напред и назад се милтилинк, со тоа што напред секое тркало е обесено во четири точки. Ова е стандардното обесување, обичното. Во моделот чиј мотор има шест цилиндри тука подвозјето е спортски стегнато, што значи постегнати амортизери и пружини и подиректно управување. Сето ова го има и кај моделот со четири цилиндри, но како опција ако е во комбинација со пакетот „амг“.
На централната конзола е вграден 12,3 инчен монитор, а таблата со инструменти има 11,9 инчи дијагонала. Во „обичните“ изведби внатрешноста е класика, а за тие со спортска нота и трите букви „амг“ сѐ е поинаку. Аудио уредот е со дури 17 звучници кои загарантирано нудат квалитетен звук. Бидејќи каросеријата е купе, повеќе од јасно е дека купето ќе биде пониско од лимузината „е класа“.
Да не има забуна со веќе спомнатиот кабриолет – него допрва треба да го претстават, но кај и да е ќе стаса. Мерцедес секогаш по купето го лансирал и кабриолетот. Купето ќе почне да се продава на почетокот од 2024 и веднаш потоа ќе бидат претставени отворената изведба и таа најбрзата со трите букви.