Луксузна лимузина задвижувана исклучиво од електрична енергија, носи име од три букви „е ку с“, за првпат претставена пред светската јавност на 15 април, има врвен коефициент на отпор на воздухот Cd 0,20 и е правена на платформа посебно наменета за електрични лимузини. Тоа е најновиот производ на четири тркала од Мерцедес – Бенз способен да измине 770 километри со едно полнење на батеријата.
Сосема нов погон, сосема нова шасија, сосема нова аеродинамика, сè е ново на лимузинава. Ако бараме што е останато од претходните лимузини, тоа се управувачот, тркалата и седиштата. Таблата со инструменти веќе ја нема, а на нејзино место имаме екран кој се протега од крај до крај, по цела ширина на возилото, исто како во „с класата“. Се прашувате што можете да видите на тој џиновски екран? Сè што можете и не можете да си замислите и сето тоа прикажано со помош на тие 1,3 милиони точки (пиксели). Оваа „табла“ со инструменти и забава, е позајмена од новата „с“ класа, претставена минатата година во септември. Најновото од Мерцедес на електричен погон е продолжение од концептот „вижн е ку с“ за првпат виден во 2019 год. Неговата претходно спомната аеродинамика е водечка во светот, рекордер како во класата така и меѓу сите други сериски големотиражни возила.
Првата изведба која ќе пристигне во продажните места кон крајот на летото, ќе биде „е ку с 450+“ со силина од 333 КС (245 kW), а ќе троши околу 20 kWh/100 km. Малку подоцна ја очекуваме изведбата „е ку с 580 4 матик“ со 524 КС (385 kW), има погон на сите тркала и кај неа потрошувачката на електрична енергија ќе се „врти“ околу 21 kWh/100 km.
Според производителот, „мерцедес – бенз е ку с“ во зависност од опремата која ќе биде одбрана, во себе може да има дури 350 сензори. Што е многу многу е. Тие сензори бележат буквално сè, од забрзување, до растојанија, говорот на патниците, трепнувањето на окото од возачот, ја снима подлогата по која се движи возилото, го снима и контролира начинот на возењето… Интелигентна машина која има задача безбедно да ги пренесе возачот и патниците до саканото одредиште, притоа избегнувајќи ги сите сомнителни ситуации во соообраќајот.
Времетраењето на полнење е во зависност од изворот на електричната енергија. Времето на полнење, ако имате брза опција, изнесува само 31 минута. Ако полнењето трае 15 минути, во тој случај возилото може да извози 300 (280 за „е ку с 580 4 матик“) километри. Моделот „е ку с 450+“ чија тежина со сите течности е еднаква на 2,5 тони, постигнува крајна брзина од 210 км/ч, а од 0 до 100 км/ч забрзува за 6,1 секунда, додека моделот „е ку с 580 4 матик“ тежи 2.585 кг постигнува иста крајна брзина, но забрзувањето му е поубедливо, 4,3 сек. од 0 до 100 км/ч.
„Мерцедес – бенз е ку с“ не е веќе автомобил, тоа е нешто како технолошки развиено суштество со преголема вештачка интелигенција која во својот состав има и четири тркала. Како беше, симнуваш програмче и го надоградуваш компјутерот. Истото е и со „мерцедес – бенц е ку с“, симнуваш програмче и го надоградуваш „автомобилот“