Пред точно 30 години, во 1995, возилото на „мекларен ф 1 гтр“ стигна прво на целта на легендарната трка на издржливост 24 часа Леман. Најзаслужни за големата и воедно прва победа за Мекларен, покрај конструкторите, механичарите и останатите, неизбежно е да се спомне и возачкото трио Јурки Јарви Лехто, Јаник Далмас и Масанори Секија.
По повод првата победа на Мекларен на трката 24 часа Леман, компанијата подготви посебна изведба од моделот „750 с“ во чест на победничкото возило „ф 1 гтр“. Дополнувањето на аеродинамичниот пакет во „750 с леман“, создава поголем потпритисок и притисок за цели 10 отсто во споредба со серискиот „750 с“. Да појасниме, потпритисокот се создава помеѓу подот од купето и асфалтот. Рамниот под придонесува воздухот побрзо да струи под возилото, а поспоро над возилото, со тоа се создава еден вид вакум помеѓу подот и асфалтот, вакум кој уште повеќе го држи возилото прилепено за подлогата. Дополнителниот притисок што го спомнавме го создаваат спојлерите, кои делуваат одозгора надолу. Ваков аеродинамичен пристап се користи кај болидите од Формула 1.
Само две бои се на располагање, „леман сива“ и „мекларн портокалова“, првата е во чест на победничкото купе „ф 1 гтр“ (стартен број 59), а втората боја е еден вид заштитен знак на автомобилите од марката Мекларен.
Од оваа јубилејна изведба ќе бидат произведени само 50 примероци. Малку е чудна бројката 50, не означува речиси ништо. Ако беа 30 ќе ги означуваа годините поминати од првата победа, или пак 59, стартниот број на победничкото купе. Како и да е, цената на серискиот „мекларен 750 с“ е околу 260.000 фунти, а на посебниот, јубилеен „мекларен 750 с леман“ цената сѐ уште не е објавена. Можеби јавноста не ја знае, но затоа потенцијалните купувачи сигурно се информирани и многу веројатно сите примероци вее се резервирани. Останува прашањето која боја ќе ја одберат купувачите, портокаловата или сивата.
Жарко Атанасоски