Производителот Мазда за наредната година најави претставување на моделот „2“ во хибридно издание. Строгите правила условуваат електрификација на моторните возила, и затоа производителот се одлучи на овој чекор. Потегот е малку чуден затоа што Мазда воопшто не нуди ништо ново, односно ништо свое, туку нуди тоа што го позајмила од Тојота. Моделот „јарис“ со хибриден погон е позајмен и сега наместо името „јарис“ ја ставаат бројката „2“, а наместо заштитниот знак на Тојота, комбилимузината го носи знакот на Мазда. Погонската единица составена од 1,5 литарски бензински турбо мотор со три цилиндри во линија и електромотор. Оваа комбинација вкупно произведува 116 КС со кои автомобилот забрзува од 0 до 100 км/ч за 9,7 секунди. Потрошувачката на гориво според „влтп“ циклусот е само 3,3 л/100 km додека испуштањето на CO2 е некаде околу 90 грама или поточно од 93 до 87 g/km.
И сега начинот на кој се дополнува батеријата е јасен, при успорување и при сопирање. Доколку автомобилот го возите на кусо растојание со мала брзина тогаш автоматиката нема да го вклучи клипниот мотор во погон.
Одделот за товар располага со 286 литри, додека растојанието меѓу оските изнесува веќе познати 2,56 метри. Тоа е накусо за новиот хибрид во комбилимузина изведба од сегментот „б“. Зошто Мазда се одлучила на ваков чекор, одговорните велат поради строгите правила на континентов во врска со загадувањето на воздухот. Затоа го позајмиле моделот „јарис“ од Тојота да биде „мазда 2“. Но да не заборавиме дека и Тојота има нешто слично направено пред не повеќе од три години за американскиот пазар. Тогаш Тојота наместо да го подготвува „јарисот“ за тамошниот пазар, ја позајми Маздината „двојка“ и ја преименува во „тојота јарис“. Добро е кога има разбирање и почит меѓу луѓето, а токму тоа го имаат Мазда и Тојота.
Жарко Атанасоски