Масерати има многу нешта за што може да раскажува. Ако сега е некаде притаен во туристичките води, во минатиот век беше еден од најактивните производители чии автомобили жареа и палеа на тркачките патеки. Во 50‘ години од минатиот век Масерати е носител на две шампионски титули од 1954 и 1957 освоени со најдобриот возач на сите времиња Хуан Мануел Фанџо, носител на вкупно пет светски титули во формула 1.
Токму по тој повод, освојување на двете титули во формула 1, Масерати одбра два модели од своето семејство и посебно ги преуреди со цел да искаже почит кон аргентинскиот возач Хуан Мануел Фанџо и воедно да ги потсети денешниве генерации на славните времиња кои се нераскинлив дел од италијанската национална историја.
Со моделите „леванте“ и „гибли“, Масерати одлучи да му се оддолжи на Х. М. Фанџо за неговите успеси. Обата модели имаат во себе три литарски V6 мотор кој со двојниот турбо компресор развива 345 КС. Ако некој не е задоволен од силината, Масерати го нуди 3,8 литарскиот V8, исто така, со двоен турбо полнач способен да произведе солидни 580 КС.
„Масерати гибли ф трибуто“ и „масерати леванте ф трибуто“, така се именувани моделите, а заинтересираните можат да бираат само две бои, „росо трибуто“ и „аѕуро трибуто“. Зошто токму овие две бои? Затоа што тие бои се останати уште од првите трки во Италија и се прогласени тркачки, „корса росо“ и „корса аѕуро“, а истите бои ги има и на знамето. За впечатокот биде целосен, само работ од тркалата и шепите од сопирачките се обоени во жолта боја исто како некогашниот болид „250 Ф“ на Масерати со кој Х. М. Фанџо ги освоил двете од петте титули во формула 1.
Цената на „масерати гибли ф трибуто“ е 101.500 долари, а „масерати леванте ф трибуто“ чини 106.500.
Жарко Атанасоски